ПОЛИЦАЕЦ ЗАСТРЕЛАН ВО ГЛАВА ДОДЕКА ЗАПИРАЛ УКРАДЕНО ВОЗИЛО Двајца загинати во Брисел во две престрелки
Две одделни престрелки ја потресоа белгиската престолнина. Во едната загинало лице во близина на Европскиот парламент, а во другата полицаец бил застрелан во главата додека се обидувал да запре украдено возило. Засега нема потврда дека инцидентите се поврзани.
Во главниот град на Белгија се случиле две престрелки во кои загинале две лица, од кои едното е полицаец.
Во близина на зградата на Европскиот парламент во Брисел денеска дошло до престрелка во која загинало едно лице.
Во белгискиот град се случила и друга престрелка, околу еден час по полноќ, кога полицаец бил застрелан во главата додека се обидувал да запре украдено возило во предградието Жет.
Осомничениот подоцна бил уапсен од специјалната полиција, а кај него биле пронајдени три парчиња оружје. Засега не е утврдено дали двата инцидента се поврзани.
Белгискиот министер за внатрешни работи, Бернар Кентен, објави на социјалната мрежа Икс дека е длабоко потресен од трагичната смрт на бриселскиот полицаец. Тој посочи дека обвинителството спроведува истрага и дека одговорните ќе се соочат со „целата сила на законот“.
Белгија во последно време се соочува со чести пресметки и престрелки на улиците.