ПОЛЈАЧКА И ТРОЈЦА МАЖИ ОСОМНИЧЕНИ ЗА 10 ОД ПОЖАРИТЕ ВО ХРВАТСКА Кај двајца од уапсените e пронајдено оружје

Четворицата наводно дејствувале според претходен план и договор, а пожарите ги подметнувале на десет локации низ Задарската жупанија. Во истрагата се вклучило и сепцијализираното обвинителство УСКОК поради сомнение за тероризам.

430

Десет пожари за само два дена. Хрватската полиција се сомнева дека зад нив стојат 33-годишна Полјачка и тројца хрватски државјани на возраст од 42, 45 и 46 години.

Четворицата се осомничени дека на 14 и на 15 август намерно подметнувале пожари на десет локации во Задарската жупанија, пишува хрватски Индекс.






Според полициската истрага, тие дејствувале според претходен план и меѓусебен договор. Огнот го подметнувале со запалка, со намера да ги загрозат животите и имотот на поголем број граѓани.

Пожари биле подметнати во Били Бриг во Задар и во Земунник Доњи, Галовац и Доње Билјане. Огнот бил подметнат и во Запужане, Земунник, Заград, Лишане Тињске, Шкабрња и во Бенковац.

Полицијата ги лоцирала и ги уапсила четворицата во саботата вечерта. Претходно граѓани пријавиле дека забележале лица како палат оган покрај пат на поширокото подрачје на Бенковац.

Една брачна двојка наводно ги затекнала во близина на Раштевиќ. Жената успеала да ја запамети регистрацијата на темниот автомобил „БМВ“ со кој заминале.

– Видовме автомобил покрај нас. Јас видов четири лица, две беа надвор. Еден му викаше на мојот сопруг „Што ти е гајле што правам јас?“. Во тој момент барав телефон за да снимам. Се јавив на 112 и им ја прочитав регистрацијата на автомобилот, а тие тогаш избегаа – раскажала жената.

Полицијата набргу го пронашла автомобилот и ги уапсила сите четворица.

Истрагата потоа донела уште еден сериозен пресврт. При претресите кај 42-годишниот осомничен била пронајдена полуавтоматска пушка со 44 парчиња муниција. Кај 46-годишниот биле пронајдени пиштол и повеќе мобилни телефони.

Пожарите веќе предизвикале значителна материјална штета. Во Били Бриг целосно изгорел автомобил, а меѓу Шкабрња и Земунник Доњи изгореле 43 маслинови дрвја. Во гаснењето биле вклучени пожарникари, канадери и други воздушни сили.

Четворицата биле предадени на притворскиот надзорник, а кривичната пријава била доставена до обвинителството во Задар. Според хрватските медиуми, во случајот се вклучил и УСКОК поради сомнение за тероризам. Истрагата продолжува.

Хрватска деновиве се справува со последиците и од разорниот пожар на подрачјето на Локва Рогозница и Омиш.

Огнот кај Омиш беснееше во ноќта меѓу 13 и 14 август. Според сплитско-далматинскиот жупан Блаженко Бобан, целосно изгореле 106 возила и 28 куќи. Уништени се и 7 стопански, 3 угостителски и 6 помошни објекти.

По завршувањето на увидот, Градот Омиш треба да достави извештај. Потоа ќе биде побарано прогласување природна непогода.

ЦЕЛОСНО ИЗГОРЕА 28 КУЌИ, 106 ВОЗИЛА И 45 ПЛОВИЛА Огнот остави пустош кај Омиш, загина Драгана од БиХ

 

Поврзани содржини