ПОЧИНА КАРЛО ПЕТРИНИ Основачот на Слоу фуд обедини повеќе од 160 земји во заедничка мисија
Денес, се збогуваме со визионер на нашето време, со Карло Петрини, основачот на глобалното движење Слоу Фуд кое се залага за добра, чиста и праведна храна. Петрини останува да живее преку секоја локална градина, секој зачуван автохтон производ и преку илјадниците млади експерти ширум светот кои ја продолжуваат неговата мисија за подобар и поправеден свет, не со оружје, туку со вилушка, традиција и почит кон природата.
Основачот на глобалното еколошко и гастрономско движење Слоу фуд (Slow Food), Карло Петрини, почина на 76-годишна возраст во својот роден град Бра, во италијанскиот регион Пиемонт.
Како што официјално соопшти организацијата, Петрини замина по долга борба со тешка болест. Неговото заминување остава огромна празнина, но и трајно наследство кое веќе со децении го трансформира начинот на кој човештвото гледа на храната, земјоделството и екологијата.
Карло Петрини успеа во нешто во што не успеале многу политичари. Успеа да обедини повеќе од 160 земји во едно глобално движење познато како Слоу фуд.
Мрежата се изгради врз неколку клучни основи: Сè започна во 1986 година како локален протест против отворањето на ресторан на Мекдоналдс во срцето на Рим. Наместо само празни пароли, Петрини понуди супериорна алтернатива: зачувување на локалните вкусови, правото на уживање и заштита на биодиверзитетот. Тој ја формулираше пораката така што да може да ја разбере секој човек на планетата: Храната мора да биде вкусна (добра), произведена во хармонија со природата (чиста) и социјално праведна за земјоделците (правична).