ПО ДОЛГОТО КРВОПРОЛЕВАЊЕ, КОНГО И РУАНДА СЕ РАКУВААТ ВО ВАШИНГТОН Ќе потпишат мировен договор, но без учество на главната бунтовничка група
Министрите за надворешни работи на Руанда и на Демократска Република Конго ќе го потпишат мировниот договор во Вашингтон, во присуство на американскиот државен секретар Марко Рубио. И претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе се сретне со двајцата министри во Овалната соба. Во заедничко соопштение пред потпишувањето, САД, Руанда и ДРК наведуваат дека договорот предвидува почитување на територијалниот интегритет, прекин на непријателствата и разоружување на сите недржавни вооружени групи.
Руанда и Демократска Република Конго (ДРК) ќе потпишат договор во Вашингтон денеска, во петок, за ставање крај на конфликтот во источна ДРК, кој однел илјадници животи – иако се поставуваат сериозни прашања околу значењето на договорот, објави Франс 24.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја истакнува својата улога во дипломатијата што довела до договорот и јавно се жали дека не добил Нобелова награда за мир.
Но, договорот е под лупа поради неговата нејасност, особено во економскиот дел, бидејќи администрацијата на Трамп е заинтересирана да ѝ конкурира на Кина и да профитира од богатите минерални ресурси во немирниот источен дел од Конго.
Како почна конфликтот?
Бунтовничката група М23, составена претежно од етнички Тутси, започна нова офанзива кон крајот на 2021 година, која драстично се засили на почетокот на оваа година, заземајќи големи територии, вклучувајќи го и клучниот град Гома.
Владата во Киншаса долго тврди дека Руанда ѝ дава воена поддршка на М23 – тврдење што е поддржано и од Вашингтон.
Руанда негира дека директно ги поддржува бунтовниците, но бара престанок на дејствувањето на друга вооружена група – Демократските сили за ослободување на Руанда (FDLR), составена од етнички Хуту, поврзани со геноцидот над Тутсите во Руанда во 1994 година.
Министрите за надворешни работи на Руанда и на ДРК ќе го потпишат договорот во Вашингтон во присуство на американскиот државен секретар Марко Рубио, соопшти портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.
Белата куќа соопшти и дека Трамп ќе се сретне со министрите во Овалната соба.
Во заедничко соопштение пред потпишувањето, трите земји наведуваат дека договорот вклучува „почитување на територијалниот интегритет и забрана за непријателства“, како и разоружување на сите „недржавни вооружени групи“.
Договорот е посредуван преку Катар – чест партнер на САД – и Масад Булос, либанско-американски бизнисмен и свекор на ќерката на Трамп, Тифани, кој од страна на Трамп бил назначен за висок советник за Африка.
Во соопштението се зборува и за „рамка за регионална економска интеграција“ и за идна самитска средба во Вашингтон со присуство на Трамп, претседателот на Руанда, Пол Кагаме, и на претседателот на ДРК, Феликс Чисекеди.
„Договорот не е баш јасен“
Гинекологот Дени Муквеге – добитник на Нобелова награда за мир во 2018 година за борбата против сексуалното насилство во војна – изрази загриженост дека договорот е премногу нејасен.
Тој изјави дека зборувањето за економска соработка е „неоправдана награда за Руанда“.
– Овој договор би значел наградување на агресорот, легитимирање на пљачкањето на природните ресурси ресурси на Конго и присилување на жртвата да се откаже од своето национално наследство, жртвувајќи ја правдата за да обезбеди кревок и нестабилен мир – изјави тој.
Во пресрет на потпишувањето, медиумот Africa Intelligence објави дека договорот бара од Руанда да ги повлече своите „одбранбени мерки“ и од Конго да прекине секаква врска со FDLR.
Но, министерот за надворешни работи на Руанда, Оливие Ндухунгирехе, на социјалната мрежа Икс ја демантираше таа информација.
– Фактички, зборовите „руандска армија“, „руандски трупи“ или „повлекување“ воопшто не се споменуваат во документот – рече тој.
Конгоанската министерка за надворешни работи, Терезе Кајиквамба Вагнер, која беше во посета на Вашингтон во април за да ги започне преговорите, изјави дека Руанда мора да биде обврзана да се повлече од конгоанска територија, која со децении страда од војна.
Двете земји настојуваат да добијат наклонетост од САД. ДРК, која располага со огромни резерви на минерали како литиум и кобалт – клучни за електричните возила – нуди договор за американски инвестиции, сличен на претходниот договор со Украина.
Во меѓувреме, Руанда води разговори за прифаќање на мигранти, депортирани од САД – прашање што е приоритет за Трамп.
Руанда, која важи за една од најстабилните африкански држави, претходно имаше договор за миграција со поранешната британска конзервативна влада, кој беше поништен откако на власт дојде лабуристичката влада минатата година.
Источниот дел на Конго е погоден од долготраен конфликт кој трае со децении, со корени во Првата (1996–1997) и Втората конгоанска војна (1998–2003), во кои загинаа милиони луѓе. Иако формално завршија, овие војни оставија зад себе мрежа од стотици вооружени групи, етнички тензии и борба за контрола врз богатите природни ресурси.
Во 2021 година, бунтовничката група М23 – составена претежно од етнички Тутси – започна нова офанзива, која драматично ескалираше во следните години, заземајќи стратешки територии како Гома и Букаву.