ПАДНА МОНТИРАНИОТ ПОЛИТИЧКИ СЛУЧАЈ ПРОТИВ ВМРО-ДПМНЕ Ослободителна пресуда за “Талир”
Партијата воопшто не беше обвинета во оваа постапка, а се бараше конфискација на нејзиниот имот.
Поранешниот премиер Никола Груевски доби ослободителни пресуди во предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, со што по речиси една деценија се затвораат едни од најекспонираните случаи поврзани со финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно падна и предметот „Талир 1“, во кој Груевски беше обвинет за незаконско финансирање на партијата. И во тој случај Основниот кривичен суд донесе ослободителна пресуда.
Судот оцени дека обвинителството не успеало да ги докаже обвиненијата надвор од разумно сомневање, а беше одбиено и барањето за конфискација на партиското седиште.
Во „Талир 2“, Основниот кривичен суд Скопје го ослободи Груевски од обвинението за злоупотреба на службената положба поврзана со изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата воопшто не беше обвинета во оваа постапка, а се бараше конфискација на нејзиниот имот.
Судот образложи дека по измените на Кривичниот законик од 2023 година, обвинението било изменето. Според судот, обвинителството не успеало да докаже дека делото било сторено со „пречекорување на овластувањата“ и „неизвршување на службената должност“, како што бара новата законска формулација.
„Законот за изменување и дополнување на КЗ, објавен во Сл.в.бр.188/23, беше извршена промена во инкриминираните дејствија, кои го содржат битието на предметното кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, според кој, “искористувањето” како дејствие на извршување беше декриминализирано, а како последица на тоа беше извршена и измена на обвинението, па така “искористувањето” беше заменето со “пречекорување на овластувањата и неизвршување на службената должност” како дејствија на сторување на делото, а покрај тоа беше вметната и “намерата” како посебен субјективен елемент на делото. И покрај ваквите наизглед минорни измени, кои се состојат во само 2 елементи на битието на делото, сепак истите од правно-релевантен аспект суштински го менуваат обвинението. Меѓутоа, обвинението сепак остана да се заснова на истите докази, од кои беа утврдувани фактите како и при претходно поставената изрека на обвинението, а останаа и истите заклучоци и истата теорија на обвинението, сублимирани на ист начин и во завршните зборови на застапникот на обвинението“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Судијката Даниела Алексовска при објавата на пресудата посочи дека во случајот морале да се земат предвид измените на Кривичниот законик од 2023 година, поради кои претходно беше укината првостепената пресуда.
– Иако беа направени измени на обвинението промени во доказите и фактите изнесени пред судот немаше. Судот цени дека обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност – изјави Алексовска.
Во оваа ситуација Судот, посочи таа, во целост го прифатил ставот на Апелацискиот суд, а тоа е дека измените на КЗ се во директна корист на обвинетиот.
– Во оваа прилика, судот ќе истакне дека со секоја пресуда се испраќа одредена порака до поблиската и пошироката јавност. Во конкретниот случај, пораката е следна: Ваквата ослободителна пресуда е исклучиво резултат на донесување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2023 година, а како директна последица на која што беше и укинувањето на првостепената пресуда во овој предмет, како што тоа го констатира Апелациониот суд Скопје во второстепената одлука во овој предмет. Судот ќе истакне дека, и покрај тоа што оваа пресуда е сосема различна од претходно донесената во конкретниот предмет, сепак, анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците изведени од страна на судот останаа непроменети. Така што, при постоење на истите докази, врз основа на кои судот претходно утврди дека е сторено предметното кривично дело со ‘искористување на службената положба и овластување’, цени дека при постоење на истите тие докази, не се докажа надвор од разумно сомневање дека делото е сторено со друг вид на дејствија, односно со ‘пречекорување на овластувањата’ и со ‘неизвршување на службената должност’.
Таа додаде:
– И како последно, но од најбитно значење за пошироката јавност е дека судот останува конзистентен во одлучувањето, во анализата и оценката на доказите, како и фактите кои произлегуваат од истите, на кои исклучиво ги темели своите одлуки, бидејќи само на тој начин може да се гарантира правото на правна сигурност на граѓаните во чие име судот ги носи своите пресуди.
На објавата во судницата во Основниот кривичен суд Скопје присутни беа адвокатите по службена должност на екс премиерот Никола Груевски, Петар Тимовски и на ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Маневска, како и претставникот на партијата, адвокатката Љубица Николовска.
Трошоците за судската постапка паѓаат на Буџетот на државата, а Судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Пресудата е неправосилна и странките имаат право на жалба пред повисоките судови.
Во април годинава, предметот „Талир 2“ го презема обвинителот Кристијан Смилевски од ОЈО Скопје, откако обвинителката Ленче Ристовска си поднесе оставка.
Апелациониот суд Скопје во јануари 2024 година поради измените на Кривичниот законик во делот на кривичното дело од член 353 од КЗ, ја укина првостепената пресуда за случајот „Талир 2“ и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Застареност настапи за делото „злоупотреба на службената положба“ на поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, а гонењето продолжи за експремиерот Никола Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ.