ОПАСНО Е ДА СЕ ВЕРУВА ДЕКА РУСИЈА ЈА ГУБИ ВОЈНАТА! Еве што всушност се случува и што ќе одлучи
Поранешниот командант на украинската армија во анализа за „Телеграф“ оценува дека ниту Москва, ниту Киев не можат да извојуваат целосна воена победа, а иднината ќе зависи од економијата, технологијата и западната поддршка. Војната нема да ја решат битките, туку издржливоста – порачува Залужни.
Поранешниот врховен командант на украинските вооружени сили и сегашен амбасадор на Украина во Велика Британија, Валериј Залужни, предупредува дека е опасно да се верува дека Русија веќе ја загубила војната, и покрај украинските успеси на фронтот и ударите врз руската инфраструктура.
Во авторски текст за британскиот весник „Телеграф“, Залужни оценува дека сè повеќе западни аналитичари погрешно заклучуваат дека крајот на војната е близу, бидејќи ја набљудуваат низ призмата на поединечни тактички успеси, наместо преку пошироката стратешка слика.

Според него, современото војување целосно се променило поради беспилотните летала, прецизното оружје и постојаниот надзор на бојното поле.
Војна на исцрпување
„Ова повеќе не е војна на брзи маневри. Ова е војна на исцрпување. Успехот денес се мери во метри, а не во километри, а секој тактички успех има огромна цена“ – наведува Залужни.
Тој смета дека фронтот достигнал состојба на рамнотежа. Русија нема капацитет целосно да ја освои Украина, но ниту Украина во моментов има средства само со воена сила да ја ослободи целата окупирана територија.
Москва не е поразена
Залужни истакнува дека Кремљ не ги остварил своите првични политички цели, но тоа не значи дека Русија е поразена.
„Русија сè уште ја води војната, контролира значителен дел од украинската територија и не покажува намера да го заврши конфликтот под услови што би значеле признавање пораз“ – пишува тој.

Истовремено, нагласува дека ниту Украина не може да прогласи победа, бидејќи и натаму во голема мера зависи од западната финансиска, воена и технолошка помош.
Западот покажува знаци на замор
Поранешниот командант предупредува дека руската стратегија сè повеќе се темели на економско, воено и психолошко исцрпување на Украина, додека Москва и натаму располага со поголеми човечки резерви и силна воена индустрија.
Дополнително, како што наведува, се појавуваат сè повеќе знаци на замор кај западните сојузници.

Политичките промени во Вашингтон и поделбите во Европа отвораат прашање дали сегашното ниво на поддршка може да се одржи на долг рок. Самитите и демонстрациите на единство имаат симболична вредност, но не се гаранција за трајно политичко единство – оценува Залужни.
Тој додава дека денес војната не се води само на фронтот, туку и во логистиката, индустријата, противвоздушната одбрана, критичната инфраструктура и отпорноста на општеството.
Критика и до НАТО
Во завршниот дел од анализата, Залужни оценува дека војната во Украина ги разоткрила слабостите на НАТО и отвора прашање дали Алијансата е подготвена за конфликтите на 21 век.

„Природата на војувањето драматично се промени. Беспилотните летала, прецизните удари и кибернетското војување бараат сосема поинаков пристап кон одвраќањето и колективната одбрана. Идната безбедност на Европа нема да зависи само од оние што се подготвени да се бранат, туку и од оние што се подготвени да понудат нова стратешка визија за континентот“ – заклучува Валериј Залужни во текстот објавен во британскиот „Телеграф“.