ЏОН ЛЕГУИЗАМО ГО ИСМЕА ПЛАНОТ НА ИЛОН МАСК ЗА AI ВЕРЗИЈА НА „ОДИСЕЈА“ „Со среќа со таа лажна, бездушна и празна верзија“

Ѕвездата од „Одисеја“ на Кристофер Нолан остро реагираше на најавата на Илон Маск дека неговата платформа Grok ќе сними целосно AI-генериран филм според делото на Хомер.

0

Актерот Џон Легуизамо нема многу доверба во планот на Илон Маск да создаде верзија на „Одисеја“ направена со помош на вештачка интелигенција.

Легуизамо, кој го толкува ликот на Евмеј во филмската адаптација на Кристофер Нолан, не штедеше зборови кога беше прашан што мисли за проектот што го најави милијардерот.






– Да, ќе биде прекрасно. Феноменално. Со среќа со таа лажна, бездушна и празна верзија – изјавил актерот за „Њујорк тајмс“.

Тој потоа се осврнал и на критиките што дел од јавноста ги упатува кон филмот на Нолан и неговата разновидна актерска екипа.

– Не ги разбирам луѓето кои се трудат да шират омраза. Големиот кубански поет и револуционер Хозе Марти рече дека постојат два вида луѓе: оние што создаваат и оние што уништуваат – изјавил Легуизамо.

Според него, разновидната актерска екипа во филмот ја отсликува реалноста на денешниот свет.

– Ние, Латиноамериканците, сочинуваме околу 20 проценти од населението, а сепак речиси сме невидливи, особено на раководните и корпоративните позиции – додал актерот.

Маск сака своја „Одисеја“

Коментарите на Легуизамо доаѓаат откако Илон Маск најави дека неговата платформа Grok Imagine до крајот на годината ќе создаде долгометражен филм базиран на „Одисеја“.

– Пред крајот на годината Grok Imagine ќе направи целосен филм за „Одисеја“ кој ќе биде историски точен и верен на уметноста на Хомер – напиша Маск на платформата Икс, објавувајќи и триминутно AI-видео со Одисеј и Калипсо.

Но токму тврдењето за „историска точност“ предизвика бројни реакции, бидејќи делото на Хомер е исполнето со богови, чудовишта и митолошки суштества.

Ова не е првпат Маск да го коментира филмот на Нолан. Уште пред премиерата тој јавно критикуваше дел од актерската екипа, меѓу кои и Лупита Нионго.

Нолан: Вештачката интелигенција не може да ја замени креативноста

Кристофер Нолан и претходно јасно го кажа својот став за вештачката интелигенција во уметноста.

– Идејата дека таа целосно може да ги замени луѓето и човечката креативност за мене е бесмислена – изјави режисерот.

Во друго интервју тој рече дека никогаш не видел технологија што се развива толку брзо, а истовремено наидува на толкава недоверба кај јавноста, особено кај младите.

Во меѓувреме, човечката верзија на „Одисеја“ на Нолан бележи одлични резултати. Филмот заработи 124,5 милиони долари во САД и повеќе од 264 милиони долари ширум светот уште во првите недели од прикажувањето.

Поврзани содржини