ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР ГИ ПОСТАВИ МИРОТ, ДИЈАЛОГОТ И ЕДНАКВОСТА ВО ТЕМЕЛИТЕ НА ОПШТЕСТВОТО По четврт век, останува столб на уставната архитектура на државата
Нека секоја идна генерација го наследи Охридскиот договор како пресвртница во историјата и како жива вредност на државата, порача претседателот на Собранието Африм Гаши по повод 25-годишнината од договорот.
Охридскиот рамковен договор ги постави мирот, дијалогот и еднаквоста во основата на градењето одржливо општество. Нашата одговорност денес е да се надоврземе на неговите поуки и да ги преточиме во одржливи стандарди на демократијата и соживотот, порача претседателот на Собранието Африм Гаши, по повод одбележувањето на 25-годишнината од договорот.
„Денес, одбележувајќи ја годишнината од Охридскиот рамковен договор, се потсетуваме на еден од најважните моменти во современата историја на Република Северна Македонија. Овој договор беше политички и институционален одговор на криза што бараше одговорност, дијалог и визија за иднината. Пред сè, тој ги постави мирот, дијалогот и еднаквоста во основата на градењето одржливо општество. Дваесет и пет години подоцна, неговата важност мора да се гледа подалеку од политичките разлики и секојдневните толкувања. Охридскиот договор останува важен столб на уставната и институционалната архитектура на нашата држава. Нашата одговорност денес е да се надоврземе на неговите поуки и да ги преточиме во одржливи стандарди на демократијата и соживотот“ се наведува во соопштението од Гаши.
Македонија е заеднички дом за сите нејзини граѓани, а нејзината сила не лежи во разликите што нè делат, туку во способноста да ги претвориме во заеднички вредности, додаде претседателот на Собранието.
„По четвртина век, прашањето што мора да си го поставиме повеќе не е што сме постигнале, туку што останува на идните генерации, државата што ја сакаме. Затоа, нека оваа годишнина биде заедничка обврска: денешната политичка генерација и институции го зачувуваат мирот преку дијалог, ја зајакнуваат еднаквоста и го градат соживотот преку дела. Нека секоја идна генерација го наследи Охридскиот договор како пресвртница во историјата и како жива вредност на државата. Додека граѓаните се тие што имаат сила да го живеат секој ден“, порача претседателот на Собранието Африм Гаши.