ОГНОТ НЕ ПОПУШТА ВО ПОВЕЌЕ ДЕЛОВИ ОД МАКЕДОНИЈА Четири пожари остануваат активни
Четири пожари се активни, три се под контрола, а 24 се изгаснати на различни локации низ земјата.
Вкупно 31 пожар на отворен простор се регистрирани на територијата на Македонија во периодот од 26 до 27 август до 07:30 часот, информира Центарот за управување со кризи. Од нив, четири се активни, три се ставени под контрола, а 24 се изгаснати.
Најсериозна е состојбата на подрачјето на општините Студеничани и Зелениково, каде што пожарот се шири од селото Моране кон Вртекица и Рамни Габер, како и по кракот кон Палиград. Огнот зафатил и простор над селата Вражале и Тисовица, а гори мешана шума.
Активен е и пожарот во село Трново, Општина Гостивар, кој се шири кон селата Битово, Заград и Страјане на територијата на Општина Македонски Брод. Таму гори нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
Пожар е активен и над село Нежилово во Општина Чашка, во месноста Сватови, каде што се зафатени ниска вегетација и смреки.
Четвртиот активен пожар е во село Франгово, Општина Струга, каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Под контрола се три пожари. Во село Тајмиште, Општина Кичево, во месноста Дарда, пожарот зафатил високостеблеста букова шума. Пожар има и на депонијата во Делчево, каде што гори ѓубре, додека трет пожар под контрола е регистриран во село Стрмница, Општина Брвеница.
Во меѓувреме, изгаснати се 24 пожари на различни локации низ земјата.
Во Општина Желино се изгаснати пожари во селото Желино, каде што гореле ниска вегетација, меѓи и грмушки, како и во село Стримница, каде што била зафатена ниска вегетација.
Во Општина Теарце се изгаснати пожари во село Одри, каде што горела ниска вегетација, како и два пожари во село Непроштен – едниот со зафатена ниска вегетација, а другиот со горење ѓубре.
На подрачјето на Општина Македонски Брод, пожарот меѓу резерватот „Јасен“ и село Брезница бил изгаснат, а гореле ниска вегетација и борова шума. Во село Зајас, Општина Кичево, бил изгаснат пожар во ниска вегетација.
Во Општина Делчево биле изгаснати пожари во село Ветрен, во месноста Црквенец, каде што гореле ниска вегетација и мешана шума, како и во село Бигла, каде што било зафатено одложено количество кожа во кожарата „Годел“.
Во село Виничани, Општина Градско, бил изгаснат пожар во ниска вегетација, додека во село Форино, Општина Гостивар, огнот зафатил ниска вегетација.
Во Општина Росоман се изгаснати два пожари – во село Манастирец, каде што гореле лозови и овошни насади, и во село Росоман, каде што била зафатена ниска вегетација.
Во Општина Босилово се изгаснати два пожари. Едниот бил меѓу селата Моноспитово и Муртино, а другиот меѓу Моноспитово и Дабил. На двете локации гореле ниска вегетација и трска. Пожар во село Арачиново бил изгаснат откако огнот зафатил ниска вегетација и дрва.
На подрачјето на Општина Карпош, на улицата Скупи, бил изгаснат пожар во ниска вегетација. Во парк-шумата Гази Баба бил изгаснат пожар во мешана шума и ниска вегетација. Во село Куклиш, Општина Струмица, бил изгаснат пожар на депонија.
На градската депонија „Мелци“ во Кавадарци бил изгаснат пожар во кој горело ѓубре. Во Општина Берово, во близина на Вила Иван кај Беровското Езеро, бил изгаснат пожар во ниска вегетација.
Во Општина Куманово, пожарот меѓу селата Лопате и Љубодраг, кој зафатил ниска вегетација, бил изгаснат. Пожар во улицата Гарсија Лорка во Шуто Оризари, каде што горело ѓубре, исто така бил изгаснат.
Последниот од 24-те изгаснати пожари бил регистриран во село Дихово, Општина Битола, каде што огнот зафатил ниска вегетација и ѓубре.
Од ЦУК продолжуваат да ги следат состојбите со активните пожари и состојбата на теренот, а надлежните служби остануваат ангажирани таму каде што огнот сè уште не е целосно ставен под контрола.