ОД СПОТОТ „СИЛНО СВЕТНАЛ ДЕН“ НА ФИЛИПЧЕ МУ СЕ СТЕМНИЛО Лидерот на СДСМ влезе во партиска пресметка, а му боде очи дури и Киро Глигоров во спотот
ВМРО-ДПМНЕ е згрозена од политичката некултура на Венко Филипче и од неспосбноста на СДСМ да ги надмине партиските поделби дури и на јубилејот од независноста на Македонија.
Спотот посветен на 35 години независност на Македонија, во кој нема партиски симболи, партиски пораки или величање на актуелната власт, предизвика остра и непримерна реакција на СДСМ и на нејзиниот лидер Венко Филипче. Наместо јубилејот да го прифати како заеднички државен празник, опозициската партија практично прогласи сопственост врз најголемите успеси на Македонија во изминатите три и пол децении.
Премиерот Христијан Мицкоски го објави видеото со кратка порака „Силно светнал ден! 35 години независност“. Во спотот се прикажани личности и моменти од историјата на независна Македонија, меѓу кои и првиот претседател Киро Глигоров, како и достигнувања на државата и на нејзините граѓани во разни области на животот.
Во видеото нема партиски потпис на ВМРО-ДПМНЕ, ниту обид 35-годишната историја на државата да се претстави како историја на една политичка партија.
Токму тоа, парадоксално, СДСМ го искористи за партиска пресметка.
„И што видовме? Видео што ја слави државотворната политика на СДСМ“, соопшти партијата. Оттаму отидоа и чекор понатаму, тврдејќи дека „сè што е позитивно и државотворно во тие 35 години е дело на СДСМ“ и дека „ниту еден вистински државен успех во овие три и пол децении не носи потпис на ВМРО“.
Венко Филипче, кој ја објавува реакцијата на својата страница на Фејсбук, во улога на несуден режисер му нашол и друга маана на спотот – во него немало ништо за членството на Македонија во НАТО и за почетокот на преговорите со Европската Унија, а отсуството на Никола Груевски го користи како дополнителен аргумент дека видеото, всушност, ги промовира успесите на СДСМ.
Реакцијата на Филипче предизвика жестоки коментари на социјалните мрежи и потсетување на фактот дека независна Македонија во овие 35 години ја граделе различни влади, претседатели и парламентарни состави, но пред сè генерации граѓани. Спортисти, уметници, научници, лекари, работници, стопанственици и многу други луѓе постигнувале успеси независно од тоа која партија во моментот била на власт. Ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ може разумно да побара ексклузивна политичка тапија врз тие достигнувања.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека станува збор за „спот за дел од позитивните страни во овие 35 години“ и дека неговата порака треба да обединува. Партијата оцени дека реакцијата на Филипче покажува неспособност да се надминат партиските поделби и порача дека првиот претседател Киро Глигоров е дел од заедничката историја на независна Македонија, а не сопственост на една партија.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека актуелното раководство на СДСМ нема капацитет „да ја види големата слика“ и да ги надмине партиските поделби.
„Згрозени сме од нивото на политичка култура на Венко Филипче“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека повеќе нема да ја коментираат партијата која, според нив, „го донесе најголемиот срам и криминал во овие 35 години“.
