ОБВИНИТЕЛИТЕ СЕ СРЕТНАА СО СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО „ПУЛС“ Отворен повик за сведоштва и за докази за пожарот
Од Обвинителството уверуваат дека истрагата е сеопфатна и дека се разгледуваат сите аспекти на евентуална одговорност.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и тимот обвинители кои ја водат истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска се сретнаа со семејствата на загинатите. Како што соопштија од Обвинителството, на средбата обвинителите ги информирале блиските за досегашниот тек на истражната постапка и одговарале на нивните прашања и дилеми.
Од Обвинителството уверуваат дека истрагата е сеопфатна и дека се разгледуваат сите аспекти на евентуална одговорност.
„Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес“ соопшти Обвинителството.
Оттаму велат дека Обвинителството продолжува интензивно да презема дејствија на распити и вештачења, чии првични резултати се очекуваат во следните денови.
„Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области“, додаваат од ЈО.
Обвинителството упати и отворен повик до сите граѓани кои располагаат со лични сведоштва, информации или докази поврзани со работата на клубот „Пулс“ и поврзаните фирми, како и за надлежните институции, да ги споделат преку специјално изготвен формулар достапен на веб-страницата на Обвинителството (www.jorm.gov.mk).
Пополнетиот формулар може да се испрати на наменската електронска адреса: istragakocani@jorm,mk, по што, врз основа на релевантноста на податоците, граѓаните ќе бидат контактирани од истражниот тим.
Обвинителството нагласува дека навремено и сеопфатно расветлување на причините и одговорностите за пожарот останува врвен приоритет.
Семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска на протест пред Јавното обвинителство во Скопје повикаа на одговорност. Тие побараа оставки од сите одговорни и формирање на експертска влада.
Во истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, се осомничени 68 физички и три правни лица.