НОВ ТРАГ ВО БОРБАТА ПРОТИВ РАКОТ Откриен нов вирус во цревата поврзан со рак на дебелото црево
Истражувачите идентификувале досега непознат вирус во рамки на една вообичаена цревна бактерија. Овој вирус почесто се среќава кај лица со рак на дебелото црево, што отвора нова насока за разбирање на развојот на болеста.
Ракот на дебелото црево е еден од најчестите облици на рак во западните земји и останува водечка причина за смрт поврзана со малигни заболувања. Иако е познато дека фактори како возраста, исхраната и начинот на живот влијаат на ризикот, точните причини сè уште не се целосно разјаснети.
Во последниве години, научниците сè повеќе се фокусираат на цревниот микробиом – комплексен екосистем од бактерии, вируси и други микроорганизми што живеат во дигестивниот систем, пишува Science daily.
Сега, истражувачи од Универзитетот во Јужна Данска и Универзитетската болница во Оденсе идентификувале досега непознат вирус во рамки на една вообичаена цревна бактерија. Овој вирус почесто се среќава кај лица со рак на дебелото црево, што отвора нова насока за разбирање на развојот на болеста.
Вообичаена цревна бактерија со долгогодишна мистерија
Со години, научниците ја поврзуваат бактеријата Bacteroides fragilis со ракот на дебелото црево. Но, оваа врска била тешко објаснива, бидејќи истата бактерија се наоѓа и кај многу здрави луѓе.
– Парадокс е што постојано ја наоѓаме истата бактерија кај пациенти со рак, а истовремено таа е нормален дел од микробиомот кај здрави лица – објаснува доктор Флеминг Дамгард од Одделот за клиничка микробиологија во Оденсе.
За да го решат овој парадокс, истражувачите анализирале дали постојат разлики внатре во самата бактерија – и откриле дека постојат.
Вирус скриен во бактеријата
Клучната разлика се покажала како вирус што живее внатре во бактеријата. Кај пациентите кои подоцна развиле рак, Bacteroides fragilis значително почесто содржела специфичен бактериофаг – вирус што ги инфицира бактериите.
– Откривме вирус што досега не бил опишан и кој е тесно поврзан со бактериите кај пациентите со рак на дебелото црево – вели Дамгард.
Истражувачите сметаат дека станува збор за нов тип вирус кој досега не бил идентификуван.
– Не е важна само бактеријата, туку интеракцијата меѓу бактеријата и вирусот што го носи – додава тој.
Иако резултатите покажуваат силна поврзаност, сè уште не е докажано дека вирусот директно го предизвикува ракот.
– Не знаеме дали е причинител или само показател дека нешто во цревата е променето – објаснуваат научниците.
Голема анализа открива јасен образец
Откритието започнало со анализа на податоци од голема данска студија со околу два милиони луѓе. Фокусот бил на пациенти со сериозни инфекции во крвта предизвикани од Bacteroides fragilis, од кои мал дел развиле рак на дебелото црево во краток период.
Споредбата на примероците покажала јасен образец: кај заболените, бактериите почесто содржеле одредени вируси.
Иако првичните резултати биле од помала група, тие дале силна основа за понатамошни истражувања.
Потврда на глобално ниво
За да се потврди откритието, анализирани биле примероци од 877 лица од Европа, САД и Азија.
Резултатите биле конзистентни: лицата со рак на дебелото црево имале приближно двојно поголема веројатност да ги носат овие вируси.
Сепак, ова не значи директна причинско-последична врска.
Нов пристап кон ризикот од рак
Се проценува дека до 80% од ризикот за рак на дебелото црево е поврзан со фактори од околината, вклучително и микробиомот.
Бидејќи цревниот микробиом е исклучително сложен, досега било тешко да се разликуваат здравите од болните.
– Претходно тоа беше како барање игла во стог сено. Наместо тоа, ние се фокусиравме на вирусите во бактериите – вели Дамгард.
Ако вирусот го менува однесувањето на бактеријата, тоа може да влијае врз цревната средина и да го зголеми ризикот од рак – нешто што сега дополнително се истражува.
Можни нови тестови во иднина
Денес, скринингот за рак на дебелото црево најчесто се базира на тестови за скриена крв во столицата.
Во иднина, можно е да се воведат тестови што ќе го детектираат и присуството на овие вируси.
Првичните анализи покажуваат дека одредени вирусни маркери би можеле да откријат околу 40% од случаите на рак, додека кај повеќето здрави лица не се присутни.
Сепак, научниците нагласуваат дека истражувањата се уште се во рана фаза и потребни се дополнителни потврди.