НЕМА КОМПРОМИС СО БЕЗБЕДНОСТА НА ЦЕНТАРЦИ Герасимовски со остра порака по инцидентот кај Католичка

По свлечиштето и оштетувањето на јавна површина кај булеварот Теодосиј Гологанов, Општина Центар најави продолжување на санкциите и итни мерки за обезбедување на теренот.

0

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вечерва во Дневникот на Сител телевизија информираше за состојбата по инцидентот на булеварот Теодосиј Гологанов, во близина на Католичката црква, каде беше регистрирано свлечиште и оштетување на јавна површина и инфраструктура во близина на градежен зафат.

Герасимовски изјави дека веднаш по инцидентот бил свикан итен кризен состанок, на кој присуствувале деканот на Градежниот факултет, претставници од Државниот инспекторат за труд, инвеститорите, инспекциските служби на Општина Центар и стручни лица од надлежните институции, со цел брза координација и преземање мерки за заштита на граѓаните.






Тој упати благодарност до деканот и стручниот тим на Градежниот факултет, кои веднаш излегле на терен и дале стручно мислење, експертска анализа и конкретни насоки за надминување на состојбата и спречување дополнителни ризици.

– Сакам јавно да упатам благодарност до деканот и стручниот тим на Градежниот факултет, кои веднаш ни излегоа во пресрет и излегоа на терен. Во вакви ситуации, експертското мислење е клучно за носење брзи и одговорни одлуки и токму затоа веднаш постапивме по нивните насоки – истакна Герасимовски.

Тој информираше дека во текот на денот до Општина Центар бил доставен официјалниот извештај и стручните насоки од Градежниот факултет, по што веднаш било постапено.

Согласно препораките, Општина Центар донела решение за итно затрупување и обезбедување на градилиштето, со цел стабилизација на теренот, намалување на ризиците и заштита на околните објекти и граѓаните.

При инспекцискиот надзор, како што посочи Герасимовски, биле утврдени сериозни неправилности во изведбата на градежните активности, при што дел од работите не биле изведувани согласно одобрението за градење издадено од Општина Центар.

– Нашите инспектори веќе изрекоа повеќе санкции, а постапките против инвеститорот и изведувачот продолжуваат. Нема да дозволиме несовесно, неодговорно и небезбедно градење во Центар. Најстрого ќе бидат санкционирани сите што не постапуваат согласно законите и ја загрозуваат безбедноста на граѓаните – нагласи Герасимовски.

Тој додаде дека Општина Центар ќе продолжи со сите законски механизми за утврдување одговорност, оценувајќи дека е недозволиво да се гради спротивно на одобрението за градење и притоа да се доведуваат во ризик јавната безбедност и инфраструктурата.

Од Општината најавуваат дека и понатаму ќе бидат на терен и ќе ја следат состојбата сè до целосна санација на штетите и отстранување на ризиците.

Поврзани содржини