📽️ НЕ ЗНАЕЛ ДЕКА ГО СНИМА ЗЕМЈОТРЕСОТ, СЕ КРЕНАЛ ОБЛАК НА МОРЕ Рибар од Венецуела улови морничава сцена
Додека тлото силно се тресело, над крајбрежниот град Катија Ла Мара почнале да се издигаат огромни облаци прашина. Снимката од рибарски брод стана еден од највпечатливите записи од двојниот земјотрес што ја погоди Венецуела.
Рибар успеал да го сними првиот знак на катастрофата во Венецуела. Додека бил на море, над брегот на Венецуела нагло се издигнал огромен облак прашина по уривањето на објекти погодени од силниот земјотрес.
Уште се бројат жртвите од двата потреси со големина од 7,2 и од 7,5 степени според Рихтеровата скала. Потресите оставија зад себе урнати згради, оштетена инфраструктура и сцени на паника во северниот дел на земјата.
Пред да се појават официјалните информации за штетите, токму облаците прашина го привлекле вниманието на луѓето на море.
Снимката покажува како сив облак се шири над крајбрежјето, додека во позадина се слушаат вознемирени реакции на очевидците. Видеото за кратко време се прошири на социјалните мрежи.
Fishermen in the sea off the coast of La Guaira record the moments after the earthquake with dust covering large parts of the coast as a result of building collapses#Venezuela pic.twitter.com/D8KNwLkLDf
— CNW (@ConflictsW) June 25, 2026
До 15 згради наводно се урнале
Според претседателот на Националното собрание на Венецуела, Хорхе Родригез, најтешко погодена е државата Ла Гваира.
Тој изјави дека по земјотресот наводно се урнале до 15 згради. Снимките од теренот покажуваат оштетени објекти, урнатини и густ прав кој сè уште се издига над делови од градот.
Паника и на аеродромот
Ла Гваира е дом на едно од најголемите пристаништа во земјата и на меѓународниот аеродром „Симон Боливар“, кој го опслужува Каракас.
На видеа снимени во моментот на потресот се гледаат патници како трчаат низ прашина и урнатини. Аеродромот во меѓувреме е затворен.
Стравувања од голем број жртви
Американскиот геолошки завод (USGS) предупреди дека постои опасност од голем број жртви и значителна материјална штета.
Властите сè уште ги проценуваат последиците од катастрофата, а точниот број на загинати не е официјално соопштен.