МУЦУНСКИ ОТИДЕ ЛИЧНО ДА СЕ ЗАБЛАГОДАРИ И ЗА ПОМОШТА ОД ХРВАТСКА „Благодариме за искрената солидарност“
Четворица од повредените пациенти се лекуваат на Клиниката за трауматологија, а еден на Клиниката за детски болести. Сите се во стабилна состојба и надвор од животна опасност.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски утрово го посети Загреб каде што се лекуваат 5 повредени лица во страотниот пожар во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица, а 176 се повредени.
Тој се заблагодари на Хрватска што примила на лекување петмина повредени. Истакна дека во Скопје меѓу првите повици со изрази за солидарност и понудена помош пристигнал од Загреб.
– Тука сум како претставник на држава која тагува за 59 изгубени животи. Нема содветни зборови кои можат да се кажат во овој момент – рече Муцунски.
Тој уште еднаш се заблагодари на Хрватска за искрената солидарност што ја искажала по трагедијата.
Хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања Гордан Грлиќ рече дека Хрватска е згрозена од трагедијата во Кочани и оти е тешко да се пронајдат зборови за утеха.
– Но, Хрватска може да покаже солидарност. Една од најважните компоненти за помош е покажување емпатија кон соседот и кон пријателот – рече Грлиќ.
Четворица од повредените пациенти се лекуваат на Клиниката за трауматологија, а еден на Клиниката за детски болести. Сите се во стабилна состојба и надвор од животна опасност, изјави вчера министерката за здравство на Хрватска, Ирена Хрстиќ.