МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА ПРАВЕШЕ МОЗАИК СО РУБИН Со словенечкиот амбасадор им се придружија на учениците од „Лазар Личеноски“
Во рамки на активностите се изработуваат два мозаика – едниот ќе биде поставен во мермерниот комплекс во Беловодица како дел од концепт за отворена галерија, а вториот ќе биде изложен во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, ја посети работилницата за мозаик и рубин која се реализира во ДСУЛД „Лазар Личеноски“.
Станува збор за иновативен пристап кој ги поврзува геологијата, уметноста и едукацијата, преку практична работа со минерали – со посебен фокус на рубинот како симбол и материјал. Работилницата веќе е во тек и претставува редок пример каде природните ресурси се претвораат во креативен и едукативен процес со пошироко општествено значење.

Посетата е дел од пошироките активности на Министерството насочени кон поврзување на енергетиката и рударството со образованието, иновациите и креативните индустрии како клучен сегмент од современите политики за одржлив развој.
– Ваквите проекти се конкретен пример како се гради нов наратив за енергетиката и рударството, не само како сектор, туку како простор за знаење, иновации и поврзување со културата. Нашата цел е природните ресурси да станат дел од образованието, креативноста и економијата. Токму таму се создава вистинската додадена вредност за државата. Ваквите иницијативи се важен чекор кон градење нов пристап во секторот, каде младите се директно вклучени, а ресурсите се користат како алатка за учење, иновации и развој на нови вештини – истакна министерката Божиновска.
Амбасадорот Прескер ја поздрави соработката и поддршката на вакви проекти, нагласувајќи дека тие создаваат конкретни резултати и долгорочни партнерства меѓу институциите, образованието и граѓанскиот сектор.
Во рамки на посетата, министерката Божиновска и амбасадорот Прескер симболично се вклучија и во самиот креативен процес, учествувајќи во изработката на мозаикот инспириран од рубинот. Преку овој гест, тие дадоа поддршка на идејата за поврзување на природните ресурси со уметноста и образованието, испраќајќи силна порака за значењето на креативноста, инклузијата и заедничкото создавање како двигатели на одржливата иднина.

Работилницата е дел од проектот „Вештини – клучот на зелената економија“, поддржан од Амбасадата на Република Словенија, а го реализираат Центарот за истражување на природата и културата „Nature Expedition“ и здружението „Дијалог“. Проектот комбинира геологија, сторителинг и уметност преку изработка на мозаик инспириран од рубинот. Дополнителна вредност на процесот е и инклузивната компонента – во активностите се вклучуваат и млади лица со Даунов синдром, со што проектот добива и силна општествена димензија.
Во рамки на активностите се изработуваат два мозаика – едниот ќе биде поставен во мермерниот комплекс во Беловодица како дел од концепт за отворена галерија, а вториот ќе биде изложен во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.