🎥 МИК ЏЕГЕР ОТКРИ КОИ СЕ ПЕТТЕ ЛУЃЕ ШТО НАЈМНОГУ МУ ЗНАЧЕЛЕ ВО ЖИВОТОТ „Пријателствата стануваат дел од тоа кој си“
Од неговиот долгогодишен соработник Чарли Вотс до неразделниот Кит Ричардс, Џегер откри кои луѓе ги памети не по славата, туку по заедничките моменти далеку од сцената.
Рок легендата Мик Џегер, осврнувајќи се на својот живот и повеќедецениската кариера, откри кои пет луѓе му значеле најмногу. Тој вели дека со текот на годините сè повеќе размислува за луѓето, а сè помалку за настапите и плочите.
– Луѓето ги паметат концертите. Јас паметам кој стоеше покрај мене пред да излеземе на сцената – вели Џегер, објаснувајќи дека најдолго остануваат малите моменти – разговорите, смеата и времето поминато со блиските луѓе.
На прво место во неговите сеќавања е Чарли Вотс, долгогодишниот тапанар на „Ролинг Стоунс“. Џегер вели дека иако двајцата биле сосема различни – тој постојано се движел по сцената, додека Вотс речиси и не се поместувал – никогаш не сметал дека се необичен пар. Особено ја ценел неговата смиреност, сигурност и лојалност.
– Не мислам на човекот како на музичар. Мислам на човекот – вели Џегер, присетувајќи се на аеродромите, хотелите, соблекувалните и илјадниците километри што ги поминале заедно. По смртта на Вотс во 2021 година, Џегер сфатил дека не изгубил само колега, туку човек кој бил дел од неговото секојдневие со децении.
Втората личност на листата е Тина Тарнер, која Џегер ја опишува како жена со неверојатно присуство. Тој се присетува дека луѓето ја гледале нејзината енергија и моќ на сцената, но за него најважно било каква била кога настапот ќе завршел.
– Откако шоуто ќе завршеше, таа беше само Тина – вели тој. Џегер особено ја почитувал нејзината способност и покрај тешкотиите низ кои поминала да остане топла, насмеана и љубезна. Наместо големите заеднички настапи, тој најмногу ги памети разговорите и смеата зад сцената.
На списокот е и Дејвид Боуви, кого Џегер го опишува како човек кој никогаш не престанал да се менува. Наместо да се држи до една слика за себе, Боуви постојано барал нови идеи и предизвици. Џегер се присетува на нивните разговори за музика, книги, филмови и најразлични теми, но и на забавата што ја имале за време на снимањето на „Dancing in the Street“.
– Не се сеќавам дека се грижевме дали ќе биде хит. Се сеќавам дека се смеевме – вели тој. По смртта на Боуви во 2016 година, Џегер најмногу му недостасувале токму разговорите и неговата способност секој обичен ден да го направи поинтересен.
Четвртиот човек е Џон Ленон, со кого Џегер имал сложена, но искрена врска и покрај долгогодишното споредување на „Ролинг Стоунс“ со „Битлси“.
Џегер признава дека нивното ривалство никогаш не му изгледало толку едноставно како што го претставувала јавноста. Напротив, успехот на едниот бенд го поттикнувал другиот да работи уште подобро. Кај Ленон особено ја ценел неговата директност.
– Ако се согласуваше со тебе, ќе ти кажеше. Ако мислеше дека грешиш, и тоа ќе ти го кажеше – се присетува Џегер. По неговото убиство во 1980 година, Џегер останал во неверување и не жалел само за големиот текстописец, туку и за човекот со кого уживал да разговара.
На крајот, сосема очекувано, се наоѓа Кит Ричардс, човекот со кого Џегер го дели речиси целиот возрасен живот и со кого го создал јадрото на „Ролинг Стоунс“. Џегер признава дека јавноста често се фокусирала на нивните караници и несогласувања, но дека тие се само дел од приказната. Заедно поминале повеќе од шест децении – на сцена, на проби, во студија, на аеродроми и во хотелски соби.
– Не можеш цел живот да создаваш музика со некого ако под сè друго не постои почит – вели Џегер. Тој додава дека денес, кога ќе го види Ричардс на сцената, повеќе ја цени привилегијата што сè уште се заедно.
– Кога си млад, мислиш дека сè ќе трае засекогаш. Сега сфаќаш каква привилегија е тоа – вели рокерот.
На крајот од своето размислување, Џегер заклучува дека музиката му дала многу повеќе од кариера. Му дала луѓе кои го обликувале неговиот живот.
– Ако има едно нешто што научив по сите овие години, тоа е дека кариерите на крајот стануваат историја. Пријателствата стануваат дел од тоа кој си – вели Џегер.