„МАКЕДОНСКО СЕЛО“ СЕ ОДРЖУВА ВО ЖИВОТ Томовски најави институционална поддршка и нови линии на ЈСП

Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, истакна дека државата обезбедува поддршка за функционирање на „Македонско село“, додека паралелно се чисти и возниот парк од нефункционални возила.

0

Институциите континуирано комуницираат со концесионерот на комплексот „Македонско село“ со цел објектот успешно да функционира и да не биде затворен, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во гостување во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Томовски истакна дека државата обезбедува логистичка и институционална поддршка и додаде дека комплексот веќе околу една година работи стабилно.






– Постојано комуницираме со концесионерот и стоиме како логистика и поддршка. Целта е објектот да функционира и да не се затвори. Во моментов сметам дека работи добро. Периодов подобро функционираат ресторанските услуги, додека хотелските капацитети имаат потреба од дополнителна поддршка – рече Томовски.

Тој посочи дека за подобро искористување на сместувачките капацитети во комплексот е потребна поголема поддршка и од туристичките агенции и од институциите.

– Овие објекти не се класични хотелски капацитети и не можат да учествуваат во одредени јавни набавки како хотели. Тие се водат како апартманско сместување и затоа им е потребна поголема промоција и поддршка, за да се развие тој сегмент и да се испочитува договорот – додаде тој.

Во однос на пристапноста, Томовски истакна дека до комплексот може да се стигне и со автобуски превоз на ЈСП, а веќе се разговара за воведување почести линии. Тој додаде дека државни институции сè почесто организираат настани таму, а странските посетители, како што рече, се воодушевени од амбиентот.

Томовски се осврна и на пријавите од граѓани за наводни злоупотреби на службени возила, нагласувајќи дека секој случај се проверува.

– Граѓаните сè почесто пријавуваат. Наша задача е да побараме одговор од институцијата и да утврдиме дали станува збор за злоупотреба или за службена задача – рече тој.

Тој информираше и дека СОЗР започнал со чистење на возниот парк од нефункционални возила, при што досега се расходувани над 100 возила кои со години биле надвор од употреба.

Поврзани содржини