Мајстори на злото
Претседателката и премиерот треба да престанат со досегашната транспарентност и јавни објави за одделни суштински збиднувања и предвидувања, иако истите се од апсолутен интерес на граѓаните, особено оние прашања поврзани со напредувањето на евроинтегративниот процес, затоа што во оваа и ваква Македонија се намножија зли луѓе, кои свесно работат против сѐ што е од полза за прогресот на државата.
Сигурен сум дека многумина и кај нас го прочитале обидот на актерот де Ниро да му се претстави на светот и како психолог, па и психијатар, (но, сепак не еднакво успешно), профилирајќи го новиот американски претседател Трамп. Не знам зошто тоа не се обиде и со оној Бајден, или барем Обама, материјал имал на тони, или неговите вештини се резервирани само за претседатели од спротивниот табор? Иако, впрочем, и некои наши „мудреци“ се обидуваат да го прават истото, не само за американскиот претседател, туку и за највисоките личности од новата власт. Најчесто тоа се злонамерни, цинични обиди со отворени навреди, иако и за нив останува истото прашање: зошто не го правеа тоа и со нивните газди од бившата власт? На пример со Заев, Шеќеринска, Ахмети…? Или – не смееа да писнат?
Како и да е, дел од локалниве усаид-овци надолго и нашироко ги прераскажуваат неговите „мудрости“ и ни ги поттураат под нос како божем некакво важно четиво. Па еве и јас, но со сосема друга цел. Поточно, ми се допаднаа некои фрази – веројатно извлечени од некоја стручна книга – зашто се извонредно соодветни за некои наши состојби, а особено за однесувањето на поединци од онаа пропадната секта којашто, слично на де Ниро, прави страобални проекции на катастрофите од нивното време врз новата власт. Којзнае што ли би срочил „психијатарот“ де Ниро за нашиве кога би ги познавал?
Сепак, не можете да не се согласите генерално со него дека злото постои и дека тоа се олицетворува во постапките на луѓето. За Трамп не можам да кажам, не го познавам, но овие нашиве се мајстори на злото. Или, ако сакате да ги видите во нова светлина, слушајте ги соопштенијата на сектата или читајте ги колумните на нивните „интелектуални“ приколки. Страва. Или, како што ќе направам јас, просто заменете го името на Трамп во психијатриските „мудрости“ на де Ниро и добивате релативно точен опис на нашиве шутраци!
Па така, го добивате следново: Кога ќе ги погледнам, не гледам лоши луѓе. Навистина. Гледам злобни луѓе. Па и кај најголемите крадци постои такво нешто како „чест меѓу крадците“, но кај овие – не. Да, дури и криминалците имаат чувство за добро и погрешно. Без разлика дали ја прават вистинската работа или не, тоа е друга приказна, тие имаат морален кодекс, колку и да е искривен. Овие од сектава не. Тие се жестоки луѓе без морал или етика. Немаат чувство за добро или погрешно. Немаат внимание за никого освен за себе – не за луѓето кои требаше да ги водат и штитат, ниту за луѓето со кои работеа, ниту за луѓето кои ги следеа, слепо и лојално, дури ни за луѓето кои се сметаат за нивни „пријатели“. Ајде да им се обратиме на следбениците на сектата со почит. Да не зборуваме за „демократија. „Демократијата“ можеби е нашиот свет грал, но за нив тоа е само збор на којшто тие веќе го свртеа грбот. Ајде да зборуваме за добро и погрешно. Ајде да зборуваме за човештвото. Ајде да зборуваме за добрината. Безбедност за нашиот свет. Безбедност за нашите семејства. Пристојност. Ајде да им посакаме добредојде назад од нивниот кошмар.
Така некако, парафразирано, би ги психоанализирал де Ниро нашиве секти, сега опозиционери. Но, што ако тие не сакаат да се вратат во некоја нормала, ако избираат да останат во нивниот кошмар? Зашто, видете, особено онаа секта сдсм (малите букви се…) – но и дуи не е подобра – е упорна, таа ужива во сопствениот кошмар и исто така парафразира односно сите свои катастрофи од седумгодишното криминално-коруптивно владеење денес ги подметнува на новата власт. Па овие сега ветувале „големи промени, но, реалноста секој ден ги демантира“, а заборавија што сѐ тие ветуваа во онаа 2017 година; па намерите на власта биле концентрирани „само на грижата за своите лични и партиски интереси“, а сектата божем просто гинеше за нас и нашата добросостојба; „народот страда“, а во нивно време ние уживавме во медот и млекото на пазарџијата; овие денес само „се богатат“, ама Заев и компанија континуирано осиромашуваа, за ние да се богатиме; ние денес сме биле „сиромашен и измрцварен народ“ и тоа само како резултат на последниве 6-7 месеци од новата власт, а не заради нивните седум години тормозење, малверзации, лаги, криминал и корупција… итн., итн.
Пусти де Ниро, што сѐ би напишал само да ги познавал овдешниве „либерали“ и „демократи“, нашиве мајстори на злото на кои Трамп може само вода да им носи!
Па затоа, заради нивниот „мајсторлак“, моето параноично алтер-его речиси секојдневно ми шепоти дека во оваа трула држава човек мора да биде претпазлив. Не знаете од која страна ќе дојде каменот – се разбира, најчесто одблизу – и кого и што ќе поткачи. А ми шепоти и дека државниот врв, особено претседателката и премиерот, треба да престанат со досегашната транспарентност и јавни објави за одделни суштински збиднувања и предвидувања, иако истите се од апсолутен интерес на граѓаните. Особено оние прашања поврзани со напредувањето на евроинтегративниот процес, со лобирањето на поединци и групи во наша полза, со „омекнување“ на атмосферата во Брисел и особено во Вашингтон итн.
Зошто го велам ова? Затоа што во оваа и ваква Македонија се намножија зли луѓе кои свесно работат против сѐ што е од полза за прогресот на државата, што барем малку заличува на чекор напред од оние марширања назад на претходната власт – милениче на еднакво зли луѓе во меѓународната заедница. Таа нивна злоба и лошотилак, сега со делумно врзани раце заради споровозното, но сепак позитивно движење во отворањето на многу значајни процеси, нема да ги остави рамнодушни и без контра удар. Тој мора да се очекува, заради што и важните информации мора да им се ускратат. Особено за поместувањата во евроинтегративниот процес и евентуални слични разврски, ако навистина ги има.
Зашто тие се подготвени на сѐ, тие веднаш звонат на узбуна кај нивните меѓународни газди, креваат телефони и предупредуваат таму каде што сѐ уште ги слушаат, бараат контрамерки, начини на стопирање на евентуалните добри нешта што би можеле да се случат во оваа земја.
Зашто, како што вели де Ниро, кога ќе ги погледнете, гледате злобни луѓе. И не само злобни туку и неспособни, неуки, невоспитани и некултурни, кои не умеат на другиот да му кажат ни добро утро, не пак да признаат туѓ успех. Делумно ваквото нивно однесување, очигледно е, се должи на стравот дека ги чека долгогодишен мрак на опозициската опашка, иако со изборите што ги прават самите се оддалечуваат од македонската реалност. Од друга страна, очигледната подготвеност на новата власт да се фати в костец со горливите проблеми во државата – на надворешен, но и на внатрешен план – ги плаши дека многу бргу и тие ќе дојдат на ред.
Но, она што дополнително збунува во актуелниов македонски театар е јавната поддршка на „софистицираната“ или „меката корупција“, што доаѓа од особено значаен сегмент во општеството или, како што ја нарекуваат, „четвртата сила“. Ако нештата се такви како што велат претставниците на медиумските организации, односно ако независната и критичката работа на медиумите може/треба да се остварува и низ „странски проекти“ или „донации“, тогаш зошто тоа би било спорно и за политичарите, Владата, Собранието, судството? И како тоа, во едно не така дамнешно време, токму тие отворија „лов“ на оние т.н. „куртон медиуми“ бидејќи примале пари од државата, ама оние што примаат пари од странски држави тоа не се? Тоа се, нели, „проекти“? Или кај нас „четвртата сила“ не пледира да биде сила туку – нешто друго? Можеби платена сила?
Извор: Теодосиевски уметност