ЛОКАЛИЗИРАН ПОЖАРОТ КАЈ ПИРИН ЧЕШМА Седум налети на „Ер тракторите“ спречија катастрофа, постојат сомнежи дека бил подметнат
Пожарот кај месноста Пирин Чешма е ставен под контрола по седум налети на авионите „Ер трактор“, а локалните власти не ја исклучуваат можноста огнената стихија намерно да била предизвикана.
Со повеќечасовна интервенција од воздух и од копно, пожарот кај месноста Пирин Чешма во Општина Валандово е локализиран. Благодарение на брзата реакција на пожарникарите, авионите „Ер трактор“ и останатите служби, спречено е неговото понатамошно ширење кон поширокото шумско подрачје.
Градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев, изјави дека очекува пониските вечерни температури да придонесат пожарот целосно да биде изгаснат во текот на утринските часови.
– Пожарот во моментот е локализиран. Пресечени се приодите, односно со помош на механизација е направен заштитен појас за да не може да се шири. Станува збор за многу тешко пристапен терен, каде што гори нискостеблеста шума. Среќна околност е што ТППЕ Валандово веднаш излезе на терен со целосен капацитет, а голема помош беше и брзата реакција на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој ги упати авионите кон ризичното подрачје. Досега беа реализирани околу седум налети, најпрво со два, а потоа со еден авион „Ер трактор“, кои интервенираа во непристапниот дел – изјави Камчев.
На терен, покрај пожарникарите од Валандово, ангажирани се и екипи на ЈП „Национални шуми“, членови на ловното друштво „Орел“, припадници на полицијата и шумската полиција.
Пожарот кај месноста Пирин Чешма бил пријавен денеска во 12:37 часот, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување.
Од локалната самоуправа информираат дека првичните сознанија упатуваат дека пожарот најверојатно не е предизвикан случајно.
Според нив, постојат индиции дека станува збор за лице кое добро го познава теренот и намерно избира тешко достапни локации, каде што противпожарните екипи најтешко можат да интервенираат.
Паралелно со интервенцијата, Територијалната противпожарна единица Валандово повторно апелира до граѓаните да не палат стрништа и други површини на отворено.
Од службата потсетуваат дека ваквите постапки се казниви со закон и претставуваат сериозна опасност за животот, имотот и животната средина.
– Против секое лице кое ќе биде затекнато или пријавено дека пали стрништа ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежните институции – информираат од ТППЕ Валандово.
Граѓаните се повикуваат веднаш да пријават доколку забележат пожар на телефонските броеви 193 или 112.
Воедно, од Дирекцијата за заштита и спасување потсетуваат дека сè уште е во сила владината одлука за целосна забрана за движење во шумите, освен за лицата кои поседуваат соодветна дозвола издадена од ЈП „Национални шуми“.