ФРАНЦИЈА ТРГНА ВО ЛОВ НА ПИРОМАНИ Приведени 32 лица осомничени за подметнување пожари

Француските власти соопштија дека од почетокот на летото се приведени 32 лица осомничени за намерно предизвикување шумски пожари, а министерот Лоран Нуњез најави дека сите ќе се соочат со правдата.

0

Француските безбедносни сили привеле 32 лица осомничени за подметнување шумски пожари во 22 департмани од почетокот на летото, соопшти министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.

Апсењата доаѓаат во период кога Франција се соочува со бројни шумски пожари, а жандармеријата е интензивно ангажирана во гаснењето на огнените стихии, евакуацијата на населението и истрагите за причините за нивното избувнување.






– Од почетокот на летото, жандармеријата е ангажирана во операции за гаснење на шумските пожари како поддршка на напорите за нивно локализирање и евакуација на населението, но истовремено спроведува и надзор и истраги – објави Нуњез на социјалната мрежа „Икс“.

Министерот прецизираше дека досега се приведени 32 лица во 22 департмани под сомнение дека намерно предизвикале пожари.

– Ова неприфатливо однесување, кое има катастрофални последици и ги доведува во опасност животите на нашите пожарникари, ќе добие судска разрешница – порача Нуњез.

Тој нагласи дека француските власти ќе продолжат со решителните акции против сите кои намерно предизвикуваат пожари.

– Ќе ја продолжиме нашата одлучна акција и нема да дозволиме ниту еден ваков случај да остане неказнет – истакна францускиот министер.

Во изминатите недели Франција е погодена од серија шумски пожари поттикнати од екстремно високите температури и сушата, а властите предупредуваат дека секое намерно подметнување пожар претставува сериозна закана за луѓето, имотот и животната средина.

Поврзани содржини