🎥 ЛИБАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ОДБИ ДА РАЗГОВАРА СО НЕТАНЈАХУ Израел го урна клучниот мост во јужен Либан

Примирјето што Либан го бара од Израел би било природна почетна точка за директни преговори меѓу двете земји. Либан сака да ја смири ситуацијата на југ и во сите либански региони, вели либанскиот претседател Џозеф Аун.

97

Либанскиот претседател Џозеф Аун одби да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави либански функционер за Си-Ен-Ен, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека двајцата лидери ќе одржат историски состанок.

– Им кажавме на САД дека не сме подготвени за тој чекор – изјави функционерот за Си-Ен-Ен.

Либанските функционери им кажаа на Израел и на САД дека нема да се согласат на понатамошни преговори сè додека не се постигне прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах. Израелскиот кабинет за безбедност вчера разговараше за евентуален прекин на огнот.

Денеска израелските функционери изјавија дека Нетанјаху и Аун треба да разговараат, откако Израел и Либан ги одржаа своите први директни разговори по повеќе од 40 години во Вашингтон оваа недела. Трамп, исто така, објави на социјалните мрежи дека лидерите на Израел и Либан ќе се сретнат, но без да даде детали за тоа каде или како.

Аун повикува на примирје 

Претседателот Џозеф Аун нагласи дека прекинот на огнот е неопходен предуслов за какви било директни преговори со Израел и не ги потврди извештаите за можни разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Примирјето што Либан го бара од Израел би било природна почетна точка за директни преговори меѓу двете земји. Либан сака да ја смири ситуацијата на југ и во сите либански региони, така што нападите врз невини и беспомошни луѓе – жени, мажи и деца – ќе престанат, како и уништувањето на домовите во либанските села и градови“, рече Аун во соопштение објавено на социјалните мрежи.

Аун нагласи дека преговорите ќе ги водат „исклучиво либанските власти“, имплицирајќи дека групата Хезболах, поддржана од Иран, нема да биде вклучена.

Тој го нарече повлекувањето на израелските сили од либанската територија „клучен чекор кон консолидирање на прекинот на огнот“. Овој потег, објасни тој, ќе ѝ овозможи на либанската армија да се распореди на заедничката граница на двете земји.

Израел уништи мост во јужен Либан

Израелските воздушни напади го уништија клучниот мост Касмије, последниот премин помеѓу јужен Либан и остатокот од земјата, прекинувајќи ја врската помеѓу регионот Тир и градот Сидон, објавија либанските медиуми.

Либанската Национална новинска агенција соопшти дека воените авиони извршиле два последователни напади и целосно го уништиле мостот. На нападите им претходел напад со беспилотно летало извршен претходно истиот ден во близина на мостот.

Мостот Касмије е еден од најстратешките премини во јужен Либан. Ги поврзува западните, централните и источните сектори и служи како клучна рута за транспорт на луѓе, возила и стока. Тој веќе беше оштетен во претходните израелски воздушни напади.

 

 

Израел продолжи со нападите низ Либан откако Хезболах изврши прекуграничен напад на 2 март, и покрај договорот за прекин на огнот во ноември 2024 година.

Либанските здравствени власти соопштија дека од март повеќе од 2.160 луѓе се убиени, над 7.000 се повредени и над еден милион се раселени.

Во последните израелски напади врз јужен и источен Либан се убиени 11 лица, меѓу кои 2 деца и 2 жени потврдија либанското Министерство за здравство. Нападите, исто така, предизвикаа голема материјална штета.

Според Министерството за здравство, во напад врз градот Ансарија во округот Сидон загинаа 5 лица, а во воздушен напад врз градот Џбаа во округот Набатија загинаа 4 лиц. Палестинец е убиен во напад во градот Тир, а еден Либанец е убиен во одделен напад рано утрово откако неговата куќа беше погодена во градот Хебарија во округот Хасбаја.

Медиумите соопштија и дека израелските воени авиони извршиле и ноќни напади врз областа Џабал ал-Рафи на висорамнината Иклим ал-Туфа и дека нивна цел била куќа во населбата Салам во Набатија.

ПО 34 ГОДИНИ ДОЈДЕ И ТОЈ МОМЕНТ Трамп ги седнува Израел и Либан на маса, се мириса крајот?

Поврзани содржини