КРАДЕЛЕ УМЕТНИЧКИ СЛИКИ, НАКИТ, ЧАСОВНИЦИ, КАРТИЧКИ, ФАЛСИФИКУВАЛЕ ПАРИ… По три претреси уапсени двајца беровци
Дополнително, полицијата расчистила и случај на оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, што го извршиле двајцата уапсени.
Полицијата поднесе кривични пријави против двајца жители на Берово, на возраст од 50 и 45 години, осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои кражби, тешки кражби, фалсификување пари и злоупотреба на туѓи банкарски картички.
При претресите на три локации во Берово, извршени на 25 ноември со судска наредба, полициските службеници пронашле и одзеле 16 уметнички слики, златен и сребрен накит, часовници, бижутерија, платежни картички, повеќе мобилни телефони и околу 8.000 евра во готовина.
Според полицијата, постои сомнение дека дел од пронајдените предмети и парите потекнуваат од повеќе кражби и тешки кражби извршени на подрачјето на Берово.
При претресите биле пронајдени и 26 фалсификувани банкноти од по 50 евра, сите со ист сериски број, со што бил откриен и случај на фалсификување пари.
Дополнително, полицијата расчистила и случај на оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем. Според пријавата, двајцата со две туѓи банкарски картички подигнале вкупно 50.000 денари од банкомати.
Кривичните пријави против Ј.М. (50) и Б.М. (45) ги поднело ОВР Берово.