КРАЈ НА ДОЛГОТО ЧЕКАЊЕ НА РАСКРСНИЦАТА КАЈ ГОСТИВАР Наместо семафор, полицајци ќе регулираат за време на шпицот

Според податоците на полицијата на оваа делница во еден ден поминуваат над 34.000 возила кои доаѓаат или се упатуваат кон Охрид, Струга, Кичево, Маврово и кон Дебар.

0

Сообраќајот на „здуњската крстосница“ за време на викенд-шпицовите во летниот период ќе се регулира со сообраќајни полицајци, заклучи Локалниот совет за превенција на општина Гостивар.

Решението за големиот метеж и долгите колони кои се создаваат на магистралниот пат, доаѓа по реакциите на локалните жители. Тие, а и патниците кои се движат кон и од туристичките центри за викенди чекаат долго за да ја поминат крстосницата со семафорска регулација на магистралата Гостивар-Кичево.






За овој проблем денеска се разговараше на седницата на Локалниот совет за превенција, особено поради периодот кога доаѓаат иселениците и неколкукратно се зголемува бројот на возила.

Претставникот на гостиварската полициска станица извести дека како институција ги имаат детектирано проблемите кои се однесуваат на оваа сообраќајница во летниот период. Понуденото решение се состои во посебен план за регулација.

– Сообраќајот на оваа делница особено за време на викендите ќе се регулира физички, со сообраќаен полицаец, во периодите кога се таканаречените шпицовите и има голем број на возила – беше истакнато на седницата.

Според податоците на полицијата на оваа делница во еден ден поминуваат над 34.000 возила кои доаѓаат или се упатуваат кон Охрид, Струга, Кичево, Маврово и кон Дебар.

Се разговараше и за градскиот сообраќај во периодот кога бројот на возила неколкукратно се зголемува, а како можно решение кое треба да го намали притисокот од недостиг на паркинг места беше предложено за паркирање да се користат училишните дворови и површини.

Градоначалникот Ваљбон Лимани посочи дека можноста за бесплатно паркирање во училишните дворови општината ја применува веќе неколку години.

Поврзани содржини