КОНЗЕНЗУС ЗА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК ЌЕ Ѝ ДОНЕСЕ НА МАКЕДОНИЈА 4,2 МИЛИОНИ ЕВРА Евроамбасадорот Рокас се надева на договор во последен момент

Рокас смета дека земјава, доколку ги почне преговорите за пристапување, многу брзо ќе може да ги стигне останатите четири земји вклучени во процесот иако тие многу брзо наредуваат.

45

Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, се надева дека до утре политичките партии ќе успеат да се договорат за измените на Изборниот законик неопходни за исполнување на реформската агенда. Тој денес, на промоцијата на новите возила, донација за Државниот инспекторат за транспорт од Европската Унија не ја исклучи можноста за консензус во последен момент.

– Јас навистина се надевам на консензус, бидејќи има време уште денеска и утре, значи утре е последниот ден за постигнување на консензус. Јас навистина се надевам дека тој консензус помеѓу политичките партии ќе се постигне, имајќи предвид има информации дека политичките партии, всушност нивните координатори, се сретнуваат на дневна основа. Така што, навистина се надевам дека и овој чекор од реформската агенда, тоа се измените на Изборниот законик, ќе можат да се постигнат, затоа што се работи за 4,2 милиони евра коишто би биле искористени во бенефит или во корист на граѓаните на оваа земја. Јас навистина се надевам дека консензусот ќе може да се постигне – рече евроамбасадорот Рокас одговарајќи на новинарско прашање на промоцијата на возилата.






Рокас рече дека процесот на проширување на Европската Унија всушност е инвестиција во безбедноста, во сигурноста, во просперитетот, како и конкурентноста на Европската Унија. Тој смета дека земјава, доколку ги почне преговорите за пристапување, многу брзо ќе може да ги стигне останатите четири земји вклучени во процесот иако тие многу брзо наредуваат.

Тој се надева оти работите ќе можат да се придвижат напред.

– Веќе многу работа се прави зад радарот, зад погледите на јавноста, што не се гледа се со цел да може да се завршат работите. Се надевам дека наскоро ќе се најде решение кое ќе го отвори патот за започнување преговори со ЕУ- рече Рокас.

Политичките партии денес, исто како и претходните денови, разменија низа ставови низ кои покажаа дека не се блиску до консензус за Изборниот законик со постојани меѓусебни обвинувања за блокади и планиран изборен грабеж со измените.

Поврзани содржини