КОЛКУ ЌЕ ДОЈДЕТЕ НА ПРОТЕСТОТ, ТОЛКУ ЌЕ ДОБИЕТЕ Трендафилов ги повика работниците на првомајски протест за повисоки плати
Првиот човек на ССМ смета дека е време синдикатите да ја променат традицијата на скара и прошетки и да организираат со масовен протест да го изразат незадоволство.
Сојузот на синдикатите на 1 мај ќе одржи голем протест, најави денеска претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Ва протест, како што рече Трендафилов, ќе се бара зголемување на платите и на минималната плата.
-Платите во Македонија се мизерни, одбиваат од владата да ја зголемат платата, а тука се и условите за работа кои не се достоинствени, и тоа се главните мотиви оваа година на 1. мај да протестираме, а не да маршираме – рече Трендафилов.
Тој ги повика сите синдикати и работниците да се приклучат на протестот.
– Денеска за жал, огромен број на работници во приватниот сектор, немаат добиено плата за месец март. Колку ќе дојдете и колку ќе дојдеме, толку ќе добиете и толку ќе добиеме. Владата и работдавачите нѐ бројат. Затоа ги повикувам на протест оние работници кои сметаат дека се понижени и дека имаат ниски плати, и кои сметаат дека треба да застанат рамо до рамо со ССМ за борбата за подобрување на работничките права, во борба за плати и достоинствени услови за работа- рече тој.
Трендфилов рече дека е време синдикатите да ја променат традицијата на скара и прошетки и со масовен протест да го изразат незадоволство.
-Ако во некоја држава може да каже дека платата е најминимална и на дното, тогаш минималната плата во Македонија го пробуши дното. Не е време за пиво и скара, туку за борба за работнички права – рече Трендафилов.
Протестот ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом.
Околу процесот за репрезентативноста на синдикатите, Трендафилов вели дека процедурата е на половина – преброени се половина од членовите на ССМ. За оваа недела не е закажана седница на Комисијата за утврдување на репрезентативност.
-Тоа што нас нѐ загрижува е што во моментот сите се против ССМ само затоа што бараме зголемување на платите и достоинствен живот. Работниците треба да застанат со нас. Никој не може да им се заканува – рече Трендафилов.