КОГА ОЛИВЕРА КАТАРИНА ПРОШЕТА ПО ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ ВО КАН Југословенската ѕвезда предизвика огромно внимание кај француските медиуми
Со едноставен фустан и неверојатна харизма, југословенската дива во 1967 година го освои Канскиот фестивал и ги засени дури и холивудските ѕвезди
Веста за смртта на Оливера Катарина го растажи регионот и повторно ја насочи јавноста кон кариерата на една од најголемите диви на југословенското глумиште и музика. Нејзиниот глас, убавина и харизма оставија неизбришлива трага, а еден од највпечатливите моменти од нејзиниот живот се случи на Канскиот филмски фестивал, каде што успеа да ги засени и најголемите светски ѕвезди.
Во 1967 година Оливера Катарина прошета по славната Кроазета во едноставен фустан кој ја истакна нејзината природна убавина. Нејзиното појавување предизвика огромно внимание кај француските медиуми.
View this post on Instagram
Заедно со екипата на култниот филм „Скупљачи перја“, меѓу кои беа Велимир Бата Живојиновиќ, Беким Фехмиу, Гордана Јовановиќ и режисерот Александар Саша Петровиќ, таа чекореше по црвениот тепих како една од најубавите жени на тогашна Југославија.
Антологиската сцена во која Беким Фехмиу во занес крши чаши додека Оливера Катарина пее остана една од највпечатливите во историјата на југословенската кинематографија. Токму поради значењето на филмот, „Скупљачи перја“ во 2017 година повторно беше прикажан во програмата „Кан класик“.
По тој повод, Оливера Катарина уште еднаш прошета по црвениот тепих на Кроазетата, речиси половина век по историскиот успех на филмот, кој во 1968 година беше номиниран за Оскар, а денес се смета за едно од најзначајните остварувања на српската и југословенската кинематографија.
View this post on Instagram
Оваа легендарна актерка и пејачка, на која во седумдесеттите и осумдесеттите години ѝ се восхитуваше цела Европа, уште како девојче се вљубила во уметноста. Паралелно со основното образование посетувала и балетско училиште.
По завршувањето на гимназијата, по желба на татко ѝ се запишала на Правниот факултет, но животот ја одвел на Театарската академија, каде што студирала заедно со Петар Краљ, Станислава Пешиќ и Милена Дравиќ.
Набргу блесна на сцената на Народниот театар во улогата на Коштана, а нејзиниот препознатлив глас и впечатлива појава ја вивнаа меѓу најголемите ѕвезди на тогашна Југославија.
Италијанската телевизија РАИ ја прогласи за најубав глас на Медитеранот, додека во Франција честопати ја споредуваа со Брижит Бардо. Познатиот композитор Шарл Димон, автор на песни за Едит Пјаф, ѝ ја посветил композицијата „Еден ден по крајот на светот“, која таа ја извела со негова клавирска придружба.
Песните „Đelem, đelem“, „Evo banke, Cigane moj“ и многу други романси и народни песни ги изведуваше на повеќе од сто концерти низ светот.
Посебно место во нејзината кариера зазема легендарната париска сала Олимпија, каде што настапила дури 72 пати – подвиг со кој можат да се пофалат малкумина уметници.
Во последните децении од животот живееше далеку од рефлекторите и ретко се појавуваше во јавноста, но остана запаметена како жена која со својот талент, глас и харизма ја освои Европа и остави неизбришлива трага во историјата на домашната и светската култура.