ИЗВЛЕЧЕНИ ТЕЛАТА НА ДВАЈЦА ОД ПЕЕТТЕМИНА ИТАЛИЈАНЦИ ШТО СЕ УДАВИЈА НА МАЛДИВИТЕ Пронајдени се во подводна пештера длабока 50 метри
Владата соопшти дека финските експерти, поддржани од локалната полиција и војска, ги откриле телата во најоддалечениот и најпростран дел од подводниот комплекс.
Фински специјализирани нуркачи денеска успеаја да ги извлечат телата на двајца италијански државјани кои настрадаа длабоко во подводна пештера на еден од атолите на Малдивите, потврдија официјални претставници на оваа островска држава во Индискиот Океан.
Спасувачките тимови претходниот ден ги лоцираа телата на четворица од вкупно петмина италијански нуркачи, кои исчезнаа минатиот четврток во внатрешноста на подводниот пештерски систем. Телото на петтиот Италијанец, кој работел како инструктор по нуркање, беше пронајдено уште на самиот почеток на потрагата пред влезот на пештерата. Акцијата беше привремено прекината во саботата откако загина воен нуркач од Малдивите, по што продолжи со поддршка на странски експерти. Според планот на спасувачите, преостанатите две тела од подводната пештера треба да бидат извлечени во текот на утрешниот ден.
Портпаролот на владата на Малдивите, Ахмед Шам, претходно информираше дека тројца искусни фински нуркачи работат на извлекување на настраданите кои се наоѓаат на длабочина од околу 60 метри. Инаку, дозволениот лимит за аматерско нуркање на Малдивите изнесува 30 метри, додека за секое спуштање на длабочина поголема од 40 метри е неопходна специјалистичка обука и професионална опрема.
Владата соопшти дека финските експерти, поддржани од локалната полиција и војска, ги откриле телата во најоддалечениот и најпростран дел од подводниот комплекс.
– Како што се претпоставуваше, четирите тела беа пронајдени заедно, длабоко во третиот сегмент на пештерата, кој е воедно и нејзин најголем дел – изјави владиниот портпарол.

Џорџа Сомакал, Миника Монтефалконе и Џанлука Бенедети (Фото: Универзитет на Џенова)
Според информациите од италијанското Министерство за надворешни работи, петтемина Италијанци ја истражувале пештерата на длабочина од околу 50 метри во атолот Вааву. Четири од жртвите биле дел од научен тим од Универзитетот во Џенова, и тоа професорката Моника Монтефалконе, нејзината ќерка Џорџа Сомакал, како и истражувачите Муриел Оденино и Федерико Гуалтиери. Петтиот настрадан е Џанлука Бенедети, кој бил управител на бродот и нивни нуркачки инструктор.
ПРОФЕСОРКА, НЕЈЗИНАТА ЌЕРКА И УШТЕ ТРОЈЦА ЗАГИНАА ПРИ НУРКАЊЕ ВО МАЛДИВИ Отворена истрага