ИРАН СЕ ЗАКАНИ ДЕКА ЌЕ ЗАТВОРИ УШТЕ ЕДЕН ТЕСНЕЦ, А ПОСЛЕДИЦИТЕ МОЖЕ ДА СЕ КАТАСТРОФАЛНИ Техеран ја прекина комуникацијата со САД

Иран најави дека отсега Ормускиот Теснец целосно ќе биде блокиран, поради израелските напади врз Либан.

1

Преговарачкиот тим на Иран ја прекинува комуникацијата со САД преку посредници поради израелските напади во Либан и отсега целосно го блокира Ормускиот Теснец, објави новинската агенција Тасним.

Техеран претходно дозволуваше одредени бродови да минуваат низ клучните бродски линии под ирански услови.






Исто така, Иран најави дека теснецот Баб ал-Мандеб, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и со Индискиот Океан, ќе биде блокиран од „фронтот на отпорот“.

Иран е сојузник на милитантната група Хути во Јемен, земја што се граничи со тесното морско „грло“ Баб ал-Мандеб.

Тасним наведува дека ситуацијата во Либан е клучна за прекинот на огнот, што значи дека „тој прекин на огнот е прекршен на сите фронтови“.

„Нема да има дијалог сè додека не се почитуваат ставовите на Иран и на Хезболах по ова прашање“, објави Тасним, додавајќи дека иранските власти бараат да запре израелската офанзива и Израел целосно да се повлече

Поради израелскиот напад врз Либан, Иран се закани дека ќе „активира други фронтови“, вклучувајќи го и теснецот Баб ел-Мандеб. Тоа е стратешки исклучително важен поморски премин, чие затворање би имало далекусежни последици за целата светска трговија.

Теснецот Баб ел-Мандеб, чие име на арапски значи „Портата на солзите“ поради историски опасните услови за навигација, е клучна стратешка позиција, бидејќи им овозможува пристап на бродовите што доаѓаат од Азија до Суецкиот канал и понатаму кон Медитеранот. Токму затоа е една од најпрометните поморски рути во светот, особено за транспорт на сурова нафта од Персискиот Залив. На еден од неговите брегови се наоѓа Јемен, каде што се стационирани Хутите, група поддржана од Иран.

Според професорот Самир Дани од Бизнис школата на Универзитетот Кил блокадата на превозот во областа би предизвикала нарушувања што одат многу подалеку од пазарот на нафта и гас. Според него, последиците би биле катастрофални.

– Блокирањето на Суецкиот канал би предизвикало целосен хаос во целиот свет, не само во однос на нафтата и гасот. Ова би ги задушило синџирите на снабдување за секојдневните производи што пристигнуваат од Азија во Европа. Затворањето на рутата низ Црвеното Море би ги принудило бродовите да патуваат околу Африка, покрај ’Ртот Добра Надеж. Ова би го продолжило патувањето за просечно 15 дена, ако не и повеќе, би барало значително повеќе гориво и, на крајот, би довело до скок на трошоците за превоз, што на крајот ги плаќаат потрошувачите.“

Хутите, шиитските сојузници на Иран во Јемен, претходно се заканија кон пловидбата низ теснецот. Во поддршка на Хамас за време на војната во Газа, тие нападнаа цели надвор од Јемен и ги прекинаа бродските линии околу Арапскиот Полуостров и во Црвеното Море.

Воениот аналитичар Мајкл Кларк верува дека Хутите имаат ограничени, но реални можности.

– Хутите можат да го направат теснецот опасен и го докажаа тоа, но не можат да го направат непрооден – вели Кларк.

Засега Хутите во голема мера се држат настрана од тековниот конфликт. Дипломатите и аналитичарите сметаат дека групата чека поволен момент за да изврши максимален притисок.

Лидер на Хутите кон крајот на март изави дека досега Иран се справува добро, а ако ситуацијата се сврти, тогаш ќе процениат што да прават и како да продолжат.

🎥 ХАОС ВО БЕЈРУТ• ИЛЈАДНИЦИ ЛИБАНЦИ БЕГААТ ОТКАКО ИЗРАЕЛ НАРЕДИ РАКЕТЕН НАПАД Тел Авив ќе ги гаѓа јужните делови на либанската престолнина

Поврзани содржини