📷 ИРАН ПОГОДИЛ 228 АМЕРИКАНСКИ ЦЕЛИ? „Бројките се поголеми од официјалните“
„Вашингтон пост“ објави анализа на повеќе од 100 сателитски снимки од американски бази на Блискиот Исток, според која Иран погодил најмалку 228 цели и воена опрема. Весникот тврди дека штетата е далеку поголема од она што јавно го признава Вашингтон.
Иранските воздушни напади оштетиле или уништиле најмалку 228 американски цели и парчиња воена опрема на Блискиот Исток, тврди „Вашингтон пост“.
Во текстот се наведува дека биле погодени хангари, сместувачки објекти, складишта за гориво, радари, системи за воздушна одбрана и авиони.
Според анализата, размерите на уништувањето се значително поголеми од она што јавно го признава американската администрација.
Весникот наведува дека автентичноста на 109 сателитски фотографии од иранските државни медиуми била потврдена преку европскиот систем „Коперник“ и архиви на компанијата „Планет“.
7 загинати, над 400 повредени
Во текстот се наведува дека постојаните напади ги направиле дел од американските бази небезбедни за престој. Американските команданти, според весникот, уште на почетокот на војната повлекле голем дел од персоналот надвор од дострелот на иранските ракети.
Од почетокот на конфликтот кон крајот на февруари, нападите врз американски објекти убиле 7 војници, 6 во Кувајт и еден во Саудиска Арабија.
Повредени биле повеќе од 400 лица. Американски претставници тврдат дека најмалку 12 војници се здобиле со сериозни повреди.
Сателитските снимки биле блокирани?
„Вашингтон пост“ наведува дека пристапот до комерцијални сателитски снимки бил ограничен по барање на американската влада.
Според весникот, компаниите „Вантор“ и „Планет“ го намалиле или одложиле објавувањето фотографии од регионот додека трае војната.
Пензионираниот американски полковник Марк Канчијан оценил дека иранските напади биле исклучително точни.
– Никаде нема кратери што укажуваат на промашувања – изјави тој.
Анализата наведува дека биле уништени или оштетени 217 објекти и 11 парчиња воена опрема во 15 американски бази.
Гаѓале и кантини?
Сликите покажуваат оштетени кантини и сместувачки објекти. Истражувачот Вилијам Гудинд вели дека Иран намерно таргетирал „меки цели“ за да предизвика поголеми жртви.
Експертите сметаат дека американските и израелските системи за противвоздушна одбрана се сериозно истрошени.
Според проценките, САД испукале најмалку 190 THAAD и повеќе од 1.000 „Патриот“ пресретнувачи за само неколку недели.
Командата се преселила во Флорида?
„Вашингтон пост“ тврди дека поради обемната штета седиштето на Петтата флота веќе било префрлено во база во Флорида. Американската Централна команда одбила да ги коментира конкретните наоди од анализата.
Пензионираниот офицер Максимилијан Бремер оценил дека современото војување целосно се променило.
– Се префрливме од ера на невидливост во време кога целото бојно поле е транспарентно – изјави Бремер.