ИРАН НЕМА ОДЛУКА ЗА НОВИ ПРЕГОВОРИ СО САД Арагчи откри што се случува со пораките преку Катар и Пакистан

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи вели дека комуникацијата преку Катар и Пакистан не претставува преговори, додека Техеран со Оман разговара за пловидбата низ Ормускиот Теснец.

0

Иран сè уште нема донесено одлука за продолжување на разговорите со САД, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

Во интервју за иранскиот медиум „Шахара њуз“, Арагчи нагласи дека пораките што меѓу двете страни се разменуваат преку Катар и Пакистан не претставуваат директни преговори.






Според него, Техеран преку посредници ги прима и испраќа пораките, но тоа не значи дека е донесена одлука за повторно отворање на преговорите со Вашингтон.

Арагчи истовремено информираше дека Иран води одделни консултации со Оман во врска со пловидбата низ Ормускиот Теснец.

Целта е да се утврди рута низ тесниот морски премин која би се користела сè додека, како што наведе иранскиот министер, САД не ги исполнат условите на Техеран за продолжување на комерцијалниот поморски сообраќај.

Ормускиот Теснец е еден од најважните поморски премини во светот и има клучно значење за транспортот на нафта и други енергетски производи од Персискиот Залив.

Иранските изјави доаѓаат во период на зголемени тензии меѓу Техеран и Вашингтон, при што посредниците од регионот се обидуваат да одржат комуникациски канали меѓу двете страни.

Поврзани содржини