ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ТРАНСПОРТ СЕ ОПРЕМИ СО 16 ВОЗИЛА И ОПРЕМА ДОНАЦИЈА ОД ЕУ Инспекторите сега ќе можат да бидат присутни на секоја точка

Новите специјално опремени возила ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор, поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патната инфраструктура.

0

Европската Унија донираше 16 возила и опрема во вредност од 700.000 евра на Државниот инспекторат за транспорт. На денешната промоција на возилата присуствуваа вицепремиерот  Александар Николоски и евроамбасадорот Михалис Рокас.

– Државниот инспекторат за транспорт со ова добива комплетно нова димензија. Ако претходно вредните луѓе кои работат во инспекторатот се обидуваа колку што можат да ја покријат територијата на државата, по оваа донација ќе можат целосно да ја покријат и да бидат присутни буквално на секоја точка – изјави Николоски.

Тој нагласи дека новите специјално опремени возила ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор, поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патната инфраструктура.

– Со овие 16 специјално опремени патнички возила, двете специјално опремени возила за следење и специјално адаптираното комбе кое ќе служи како контролен центар, инспекторатот ќе може целосно да ја заврши својата работа. Тоа значи повеќе безбедност на патиштата, побрз и поефикасен инспекциски надзор, но и подобра заштита на патиштата преку контрола на прекумерната тежина на камионите, превозот на опасни материи и контролата на автобусите за да ги исполнуваат сите стандарди за превоз на патници – рече Николоски.

Според него, инвестициите во патната инфраструктура мора да бидат проследени со засилени контроли, со цел да се зачува нивниот квалитет и долговечност.

– Градиме експресни патишта и автопати, но истовремено мора многу да внимаваме на безбедноста и на заштитата на патиштата. Еден од главните фактори за нивно уништување е непочитувањето на правилата. На овој начин инвестициите што ги правиме ќе добијат долгорочна вредност- рече Николоски.

Тој му се заблагодари на амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, за неговата лична посветеност во реализацијата на проектот, нагласувајќи дека донацијата не се состои само од возила.

– Оваа донација не се само возила, туку и современ софтвер за следење на возилата, како и знаење и обука за инспекторите во Државниот инспекторат за транспорт. Оваа донација значи иднина – рече Николоски.

Николоски најави дополнителни инвестиции сокои ќе се унапредат капацитетите и ефикасноста на Државниот инспекторат за транспорт.

 

Поврзани содржини