ИНСПЕКЦИЈАТА ОТКРИ СЕРИОЗНИ ПРОПУСТИ ВО СЛУЧАЈОТ ПЕРИШ Директорката на болницата во Загреб си даде оставка

Здравствениот инспекторат утврди дека постапките за физичко ограничување на 32-годишниот пациент не биле спроведени според пропишаниот протокол. Семејството најави комеморативен собир на главниот плоштад во Загреб, додека истрагата за неговата смрт продолжува.

6

Здравствената инспекција открила сериозни пропусти во постапувањето со 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој почина во психијатриска болница во Загреб, пишува денеска хрватски Индекс. Утринава стигна и веста дека директорката на болницата Мајда Грах дала оставка од раководното место.

Инспекцијата го оцени и како проблематичен фактот што директорката ја прегледала снимката дури 2 недели подоцна. Таа изјавила дека не знаела дека е потребно да го пријави случајот во Министерството за здравство.






Случајот со смртта на Периш во болницата Јанкомир во Загреб го потресе регионот и ги отвори прашања за постапувањето на медицинските лица. Четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство. Снимката од надзорните камери брзо се прошири на социјалните мрежи.

Инспекторите утврдиле дека медицинскиот персонал не ги почитувал пропишаните процедури за физичко ограничување на пациентот. Откриени се и неправилности во документацијата и постапувањето на болничкото раководство.

Семејството на Периш, во меѓувреме, најави комеморативен собир на плоштадот „Бан Јосип Јелачиќ“ во Загреб, на 21 ноември во 18:30 часот. Семејството неодамна го погоди уште една трагедија, откако вереницата на Периш го загубила бебето неколку дена по неговата смрт.

Хрватски Индекс пишува дека Периш бил донесен во болницата на 21 октомври во 13:36 часот, во придружба на итна медицинска помош и полиција. Во текот на попладнето примил терапија и бил физички ограничен со ремени. Подоцна била проценета потреба од дополнителни мерки за ограничување и нова терапија.

Токму при спроведувањето на тие постапки дошло до срцев застој.

„За време на овие постапки, кои не биле спроведени во согласност со пропишаниот протокол, кај пациентот настапил срцев застој, по што здравствените работници започнале со реанимација“, се наведува во наодите од инспекцијата.

Реанимацијата ја продолжила екипа на итната медицинска помош, но Периш починал во 21:26 часот.

Инспекторите утврдиле и несовпаѓања во медицинската документација, особено во евиденцијата за физичкото ограничување на пациентот.

„Прегледот на медицинската документација и разговорите со достапниот персонал откриле несовпаѓања во евиденцијата за постапките на физичко ограничување. Затоа е потребна дополнителна стручна проверка“, се наведува во инспекцискиот извештај.

Директорката знаела за смртта, снимките ги погледнала по 14 дена

Инспекцијата открила сериозни прашања околу постапувањето на директорката. Таа била известена за смртта на Периш на 21 октомври, околу 22:25 часот, односно помалку од еден час по неговото починување.

Следниот ден побарала да се зачуваат снимките од надзорните камери, а на 23 октомври усно добила информација дека тие се обезбедени.

Сепак, снимките биле прегледани дури на 4 ноември, точно две недели по смртта на пациентот.

„Според нејзината изјава, тогаш биле забележани несоодветни постапки на поединечни здравствени работници“, се наведува во инспекцискиот извештај.

Директорката ја контактирала полицијата на 5 ноември, а снимките биле преземени следниот ден, 6 ноември.

На 7 ноември биле донесени одлуки за вонредно отпуштање на тројца медицински техничари. Во меѓувреме, четворица техничари завршија во истражен притвор под сомнение за тешко убиство на особено ранливо лице.

Министерот за внатрешни работи на Хрватска Давор Божиновиќ претходно потврди дека полицијата ги добила снимките повеќе од две недели по смртта.

– Она што се случувало можело да се утврди многу порано – изјави Божиновиќ.

Малку обуки за персоналот, пропусти во постапувањето

Особено внимание предизвикал делот од инспекцискиот извештај што се однесува на обврските на болничкото раководство.

„За време на инспекцијата, директорката изјавила дека веднаш по смртта на пациентот не се сомневала во неправилности и дека не била свесна за обврската таквиот настан да го пријави во Министерството за здравство“, се наведува во соопштението.

Инспекцијата утврдила и дека обуките на вработените за постапување со вознемирени пациенти биле недоволни.

Директорката навела само неколку обуки спроведени во 2024 и 2025 година, што инспекторите го оцениле како несоодветно мал број со оглед на дејноста на установата.

Покрај тоа, извештајот за инцидентот, составен уште на денот на смртта, не бил потпишан од сите здравствени работници што учествувале во постапувањето со Периш.

Инспекцијата бара одговори и од раководството

Здравствениот инспекторат бара дополнителни објаснувања зошто снимките биле прегледани толку доцна и зошто надлежните институции не биле навремено известени.

Ќе се утврдува и кога Управниот одбор дознал за смртта на пациентот, какви мерки презел и дали претходно постоеле жалби против поединечни вработени.

Дополнителна документација ќе биде побарана и од загрепската служба за итна медицинска помош.

Собраните материјали ќе бидат доставени до Хрватската лекарска комора и до Хрватската комора на медицински сестри, за стручна процена на постапувањето на медицинскиот персонал.

„Семејството и јавноста ја заслужуваат целата вистина. Наша обврска е да ги утврдиме сите околности на овој трагичен настан и да обезбедиме одговорност на сите што можеби не постапиле во согласност со своите обврски, вклучително и директорката на болницата и Управниот одбор“, порача Здравствениот инспекторат.

Поврзани содржини