🎥 ИМА САМО 20 ГОДИНИ, А ЈА НАРЕКУВААТ НОВАТА АДЕЛ Сите ја знаеме оваа нејзина песна која е искористена во повеќе од 8 милиони видеа на Тик-Ток
Сиена Спиро има само 20 години, но веќе ја споредуваат со Адел. Нејзиниот хит „Die On This Hill“ освои милиони, а деби-албумот стигна до Топ 10 во САД
Сиена Спиро има само 20 години, но музичката кариера ѝ се развива со брзина каква што ретко се гледа. Британката, која пораснала во Лондон, веќе ја споредуваат со Адел, Ејми Вајнхаус и Лана Дел Реј, а нејзиниот препознатлив, моќен глас ѝ донесе милиони слушатели ширум светот. Нејзиниот хит „Die On This Hill“ во последните месеци стана вистински феномен на Тик-Ток и е искористен во повеќе од осум милиони видеа.
Песната, објавена кон крајот на 2025 година, е емотивна поп-соул балада за токсична љубовна врска и брзо се прошири на социјалните мрежи. Собра повеќе од 300 милиони слушања на YouTube и Spotify, стигна до деветтото место на британските топ-листи и влезе меѓу 20-те најслушани песни на американската Billboard Hot 100.
Но, Сиена веќе има и други причини за внимание. Нејзиниот деби-албум „Visitor“ во јули годинава дебитираше на деветтото место на Billboard 200, со што таа стана првата британска изведувачка со деби-албум во американскиот Топ 10 по 2018 година. Нејзината песна „Great Expectation“ исто така влезе на Billboard Hot 100, а Сиена веќе има четири песни од деби-албумот што се појавиле на оваа листа – нешто што последен пат ѝ успеало на Дуа Липа во 2018 година.
Светот ѝ е под нозе
Нејзиниот талент не го забележаа само обожавателите. Сем Смит ја повика Сиена да му се придружи на сцената во Њујорк, а потоа повторно настапија заедно во Сан Франциско. По настапот Смит за младата пејачка рече дека е вистинска уметница со гласот на една генерација, додавајќи дека „светот ѝ е под нозе“.
Сиена доби поддршка и од големи имиња како SZA, Сно Алегра и Финеас, а нејзиниот начин на пеење особено потсетува на големите британски вокали. Лос Анџелес Тајмс дури напиша дека нејзиниот глас можеби е највпечатливиот вокал што се појавил во Англија по Адел.
Иако споредбите со Адел ѝ годат, Сиена вели дека во исто време ѝ создаваат и притисок. Таа има кажано дека никој не може да ги замени Адел, Ејми Вајнхаус или другите големи уметници и дека самото тоа што некој ја става во иста реченица со нив за неа е огромна чест – но и нешто што малку ја плаши.
На 16 години го напуштила училиштето
Зад брзиот успех стои девојка која многу рано одлучила дека музиката е нејзиниот пат. Сиена почнала да пишува песни уште на 10 години, а на 16 години го напуштила училиштето за целосно да се посвети на музиката. Во детството, како што самата раскажувала, татко ѝ ѝ ја открил музиката на Френк Синатра, Нина Симоне, Марвин Геј и Адел, кои подоцна силно влијаеле врз нејзиниот стил.
А тука доаѓа и еден интересен детаљ од нејзиното семејство. Нејзиниот татко Глен Спиро е познат мајстор-златар, чии парчиња носеле светски ѕвезди како Бијонсе и Ријана. Тој е автор и на необичните златни обетки што ги носеше Зендаја на промоцијата на филмот „The Odyssey“.
Сиена денес поголемиот дел од времето го поминува меѓу Лондон и Лос Анџелес, но признава дека животот далеку од семејството и пријателите не ѝ е секогаш лесен. Токму љубовта, раскинувањата, копнежот и стравот од губење се меѓу најчестите теми во нејзините песни. На почетокот на 2026 година поминала низ раскинување, а искуството го преточила и во својата музика.
Нејзината приказна, сепак, допрва почнува. Оваа есен Сиена треба да тргне на својата прва голема светска турнеја, со настапи во повеќе земји и на четири континенти.