И ПОЛИЦАЈЦИТЕ ИМААТ ПРАВО ДА ПОБАРААТ ПОМОШ Воведена програма за психолошка траума, Јанев ги повика да не молчат

Со поддршка на ОБСЕ започна првата фаза од програмата која ќе ги обучува полициските службеници за препознавање на стрес и траума, кризна интервенција и колегијална поддршка.

0

Полициските службеници кои секојдневно се соочуваат со несреќи, насилство и други тешки ситуации ќе добиваат дополнителна психолошка поддршка. Во МВР започна првата фаза од Програмата за поддршка при психолошка траума, која треба да им помогне на полицајците полесно да го препознаат стресот и последиците од трауматичните настани.

На почетокот на програмата присуствуваше директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој порача дека грижата за полицајците мора да биде дел од современиот полициски систем.






Програмата се реализира со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија, а полицајците ќе стекнуваат практични знаења за препознавање на стрес и траума, психолошка прва помош, кризна интервенција, колегијална поддршка и навремено упатување кон стручна помош.

– Полициските службеници се соочуваат со тешки сцени и човечка болка, а истовремено од нив се очекува да останат присебни, да носат одлуки под притисок, да го спроведуваат законот и да ја гарантираат безбедноста на граѓаните. Но, зад секоја униформа стои човек – рече Јанев.

Тој нагласи дека полицајците треба да разговараат меѓусебно и да си помагаат, а барањето стручна помош не треба да се гледа како слабост.

– Барањето помош не е знак на слабост, туку знак на одговорност, професионалност и грижа за себе и за колегите – порача директорот на БЈБ.

Според Јанев, постојаната изложеност на трауматични ситуации, работата во смени, недостигот на сон, стравот за сопствената безбедност и семејните предизвици можат да имаат сериозни последици врз полицајците. Дополнителен проблем, како што посочи, е стравот од стигматизација поради кој дел од нив може предоцна да побараат помош.

Програмата, според најавите, нема да остане само на една обука, туку треба да стане дел од редовниот систем на поддршка и професионално усовршување на полициските службеници.

– Оваа програма нема да биде еднократна активност. Таа ќе стане дел од континуираните обуки и системот за поддршка на полициските службеници – истакна Јанев.

Тој порача дека силна полиција не значи само физички подготвени и професионални полицајци, туку и луѓе кои знаат како да се справат со последиците од работата и кога да побараат помош.

– Не молчи. Побарај помош навреме. Прашај го колегата до тебе како е и биди поддршка без осуда. Препознај. Реагирај. Помогни. Заедно сме посилни – порача Јанев.

Поврзани содржини