ПЕКИНГ НЕ ПОПУШТА ПРЕД САНКЦИИТЕ НА ВАШИНГТОН ЗА ИРАН Кина ги најави „сите потребни мерки“ за заштита

Кина, најголемиот купувач на иранска нафта, се спротивстави на проширените американски санкции и најави мерки за заштита на своите интереси. Вашингтон предупредува дека санкциите може да ги погодат и банките и компаниите што ќе продолжат да соработуваат со Техеран.

0

Кина ќе ги преземе „сите потребни мерки“ за да ги заштити своите интереси откако САД најавија проширување на санкциите против Иран и неговите трговски партнери.

Пекинг остро се спротивстави на американските мерки пишува Би-Би-Си. Кина е најголемиот купувач на иранска нафта, иако трговијата се намали по американската блокада на иранските пристаништа.






– Кина цврсто се спротивставува на нелегалните еднострани санкции и ќе ги преземе сите потребни мерки за да ги заштити своите легитимни права и интереси – изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џиан.

Тој нагласи дека економските врски меѓу Пекинг и Техеран се во согласност со меѓународното право.

Судир пред средбата Трамп-Си

Новото економско затегнување доаѓа пред планираните разговори меѓу Трамп и претседателот на Кина Си Џинпинг следниот месец.

Пекинг има силна карта во евентуален економски одговор. Кина преработува најголем дел од светските ретки земјени елементи и други критични минерали, неопходни за бројни високотехнолошки производи.

Кинеските власти веќе ги заоструваа ограничувањата за нивниот извоз во претходните трговски спорови со САД.

Иран, пак, тврди дека е подготвен за новиот американски притисок. Министерот за економија Али Маданизаде изјави дека Техеран има двегодишен план за справување со санкциите.

– И ние имаме свои алатки и знаеме како да ја играме играта – рече Маданизаде.

„Никој не е надвор од дофат“

Американскиот министер за финансии Скот Бесент ги опиша новите мерки како „најголемата финансиска офанзива досега“ против Иран.

Вашингтон сака да ги принуди банките, компаниите и државите да ги прекинат финансиските врски со Техеран.

Бесент не посочи конкретни држави како главни цели. Но, на прашање за кинеските банки испрати директно предупредување.

– Никој не е надвор од дофатот на американските санкции – рече Бесент.

Тој најави дека претседателот на САД Доналд Трамп ќе разговара со светските лидери и ќе побара од нив да ги прекинат економските врски со Иран.

 

Поврзани содржини