📽️ ХУТИТЕ ЈА ПОГОДИЈА ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА ПАЛАТА ВО ЈЕМЕН Петмина загинати, десетици повредени во ескалацијата
Во нападот врз комплексот Ал-Маашик во Аден загинале пет лица, а 16 се повредени. Во меѓувреме, се засилуваат нападите врз Саудиска Арабија, а ОН ги осудија акциите на Хутите.
Пет лица загинаа, а 16 се повредени во ракетен напад врз комплексот на претседателската палата во јеменскиот град Аден, за кој одговорност презедоа бунтовниците Хути. Нападот е прв врз палатата Ал-Маашик во рамките на актуелниот конфликт, а се случува во време на засилени напади врз Саудиска Арабија и нејзината инфраструктура, пренесува „Гардијан“.
Палатата во Аден е седиште на меѓународно признатата јеменска влада, која има поддршка од Саудиска Арабија. Јеменскиот министер за информации Моамар ал-Еријани соопшти дека премиерот Шаја ал-Зиндани и членовите на владата се безбедни.
Сведоци за „Ројтерс“ изјавиле дека слушнале силни експлозии во близина на комплексот. Според јеменската влада, во нападот биле употребени ракети и беспилотни летала.
Министерот за здравство Касим Бухаибех потврди дека загинале пет лица, а 16 се повредени. Меѓу жртвите има припадници на обезбедувањето и цивилни вработени.
Воениот портпарол на Хутите, Јахја Сари, изјави дека групата го нападнала она што го нарече штаб на саудиските воени операции во Аден. Тој го опиша нападот како дел од политиката на Хутите да ги гаѓаат саудиските засилувања каде и да се наоѓаат.
Јеменски владин министер, кој зборувал анонимно за „Agence France-Presse“ („AFP“), изјавил дека цел на нападот бил команден центар на коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Според неговите информации, три ракети го погодиле командниот центар, а уште две биле истрелани кон штабот на коалициските сили во комплексот на палатата. Тој навел дека меѓу настраданите има Јеменци и Саудијци, но не соопштил колкумина.
Судирите меѓу Хутите, кои имаат поддршка од Иран, и коалицијата предводена од Саудиска Арабија се интензивираа во рамките на пошироката регионална војна поврзана со американско-израелскиот конфликт со Иран. Ескалацијата ги усложнува напорите за запирање на војната и предизвикува дополнителни потреси на глобалните пазари.
Саудиска Арабија, еден од најголемите светски извозници на нафта, во изминатите недели се соочува со повторени напади врз инфраструктурата. Погоден е и воздушниот сообраќај, откако Хутите ги предупредија авиокомпаниите во врска со користењето на саудискиот воздушен простор за воени операции. Поради нарушувањата, илјадници летови низ кралството се погодени.
Советот за безбедност на Обединетите нации во четвртокот објави заедничко соопштение во кое ги осуди ескалирачките напади на Хутите врз Саудиска Арабија, вклучително и нападите врз аеродромот во Ријад, кои ги оцени како неодговорни.
Според наведените информации, меѓународниот аеродром во саудиската престолнина бил цел на напади 20 пати од почетокот на месецот. Во напад минатиот викенд загинале 13 лица, а повеќе од 300 биле повредени.
Во соопштението, Советот за безбедност најостро ги осуди континуираните и засилени напади на Хутите врз Саудиска Арабија, како и нападите и заканите врз комерцијалниот поморски сообраќај во Црвеното Море и теснецот Баб ел-Мандеб.
Претходно во четвртокот, коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала крстосувачка ракета над провинцијата Медина. Платформата за следење летови „Flightradar24“ објави дека десетици летови на аеродромот во Џеда биле откажани или одложени.
Коалицијата не соопшти кој стои зад ракетниот напад. Воениот портпарол на Хутите негираше дека групата ја истрелала ракетата. Хутите претходно ветија дека нема да ги напаѓаат аеродромите во светите градови Мека и Медина.
Саудиските власти соопштија и дека уништиле беспилотно летало над источната провинција на земјата, значаен регион за производство на нафта. Дополнително, бил пресретнат дрон во Хамис Мушаит, во близина на голема воена воздухопловна база.
На почетокот на неделата, Саудиска Арабија објави дека седиштето на нафтениот гигант „Saudi Aramco“ било цел на напади за кои ги обвини Хутите, при што била пријавена материјална штета на зградата.
Новата ескалација ги засилува стравувањата од повторно разгорување на разорната граѓанска војна во Јемен, по четири години релативно затишје.
Особена загриженост предизвикува состојбата во Таиз, третиот по големина град во земјата, кој е под опсада на Хутите. Жителите почнуваат да се соочуваат со недостиг од основни животни потреби, предупредува „Гардијан“.
Хуманитарните организации предупредуваат дека условите во Јемен брзо се влошуваат, додека продолжувањето на борбите дополнително ја усложнува и онака тешката хуманитарна состојба.