ХЕЈДЕН ПАНЕТИЈЕР ПОЧИНА НА 36 ГОДИНИ, ЗАД НЕА ОСТАНА ЌЕРКАТА КОЈА ЈА ДОБИ СО ВЛАДИМИР КЛИЧКО Животен пат проследен со огромен успех, но и тешки лични искушенија

Нејзиниот пат од детска ѕвезда до холивудска миленичка беше проследен со огромен успех, но и со тешки лични искушенија – од постпородилна депресија и зависност до губење на старателството над единствената ќерка

1

Американската актерка Хејден Панетијер почина на 36-годишна возраст, а веста за нејзината смрт ја објави и нејзиниот татко Скип Панетијер. Според досега објавените информации, таа починала на 16 август, само неколку дена пред својот 37. роденден. Причината за смртта засега не е соопштена, а надлежните го истражуваат случајот. Американските медиуми известуваат дека полицијата реагирала на инцидент поврзан со актерката, но во овој момент нема официјална потврда за околностите.

Панетијер пред камерите застана уште како бебе – својата прва реклама ја снимила на само 11 месеци, а потоа следуваа улоги во сапуниците „One Life to Live“ и „Guiding Light“. Големата светска популарност ја стекна во серијата „Heroes“, каде што ја играше Клер Бенет, а подоцна во „Nashville“ ја освои публиката како пејачката Џулиет Барнс. За улогата во „Nashville“ двапати беше номинирана за „Златен глобус“, додека меѓу позначајните филмски остварувања ѝ се „Remember the Titans“ и франшизата „Scream“. Нејзината последна филмска улога беше во психолошкиот трилер „Sleepwalker“ од 2026 година.






Зад блескавата кариера, сепак, се криеше многу потежок личен период. По раѓањето на нејзината ќерка Каја во 2014 година, актерката се соочила со тешка постпородилна депресија, а подоцна и со проблеми со алкохолот и зависност од лекови. За својата борба отворено зборуваше во интервјуа, а во мај 2026 година ја објави кинигата-мемоари „This Is Me: A Reckoning“, во која без разубавување пишуваше за детската слава, притисокот на Холивуд, зависностите, мајчинството и периодите кога се обидувала да го врати својот живот под контрола.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Spotify (@spotify)

Еден од најболните делови од нејзиниот живот беше и разделбата со ќерка ѝ Каја, која ја доби со поранешниот свршеник, украинскиот боксер Владимир Кличко. Нивната љубовна приказна започна во 2009 година, а парот првпат се раздели во 2011 година, но романсата ја обновија во 2013 година, а набргу потоа се свршија. Во 2014 година ја добија Каја, но врската подоцна повторно се распадна. Во 2018 година Панетијер се согласи Кличко да го добие целосното старателство над девојчето, додека таа се обидуваше да се опорави.

Иако живееше одвоено од својата ќерка, Панетијер во последните месеци особено емотивно зборуваше за нивниот однос. Во мемоарите ја опиша болката од тоа што мајчинството го доживувала на далечина, но истовремено истакнуваше дека одлуката за старателството ја донела затоа што во тој период верувала дека тоа е најдобро за Каја. За Кличко зборуваше со почит и го опишуваше како добар татко. Нивната приказна, која започна како една од највпечатливите романси во светот на славните, на крајот остана врзана за заедничката грижа за нивното дете.

Фото: Принтскрин

Нејзината смрт доаѓа само три години по трагичната загуба на нејзиниот помлад брат Џенсен Панетијер, кој почина во 2023 година на 28 години. Таа неодамна повторно се врати во центарот на вниманието со своите мемоари и со искрените разговори за најтешките моменти од животот, оставајќи впечаток дека сака да ја преземе контролата врз сопствената приказна.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Jay Shetty (@jayshetty)

Наместо само како поранешна детска ѕвезда и холивудска убавица, Панетијер во последните години се обидуваше да биде запаметена и како жена која отворено зборуваше за зависностите, мајчинството, загубата и обидот за нов почеток. Нејзината смрт на 36 години го прекина тој пат, а точната причина засега останува непозната.

Поврзани содржини