📽️ ЕРДОГАН СЕДНА ДА ВОЗИ ВОЗ, МАРТА КОС ГО ПРАША ДАЛИ ЗНАЕ ДА ЛЕТА ХЕЛИКОПТЕР Краткиот одговор ги насмеаја присутните

Турскиот претседател го управуваше возот за време на пробното возење на новата делница од железничката линија кон бугарската граница. Европската комесарка за проширување Марта Кос го праша дали знае да управува и со хеликоптер, а тој одговори со „Да“.

2

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган свечено отвори нова делница од брзата железничка линија што ја поврзува Истанбул со бугарската граница, а по церемонијата лично седна на управувачкото место во возот и го возеше на делницата меѓу Бабаески и Лулебургаз.

Проектот за железничката линија Халкали–Капикуле е наменет за патнички и товарен сообраќај. Според најавите на турските власти, со целосното ставање во функција на линијата значително ќе се скрати времето на патување. Релацијата од Истанбул до Капикуле, на границата со Бугарија, наместо досегашните околу четири и пол часа, би се минувала за приближно час и половина.






На свеченоста присуствуваше и европската комесарка за проширување, Марта Кос, на која Ердоган ѝ се заблагодари за присуството.

– Би сакал да ѝ се заблагодарам на Марта Кос, комесарка на Европската Унија за проширување, што го сподели нашето возбудување – рече турскиот претседател.

Ердоган истакна дека новата железничка врска ќе има важна улога во поврзувањето на турското производство со европските пазари и во унапредувањето на трговската размена.

– Оваа пруга ќе биде витална артерија што ќе го поврзува производството во Анадолија со европските пазари и ќе претставува столб за забрзување на остварувањето на извозните цели на Турција. Таа значително ќе придонесе за економиите на Тракија и на Турција – порача Ердоган, пренесуваат агенциите.

Тој додаде дека значењето на проектот не се ограничува само на Тракија, туку се однесува и на зајакнувањето на транспортните врски меѓу Турција и Европа. Се очекува железничката линија да придонесе за развој на трговијата и туризмот, како и за подобро поврзување на градовите.

Според Ердоган, со проширувањето на мрежата бројот на турски градови директно поврзани со брзи возови ќе се зголеми од 11 на 14.

По свеченото отворање, Ердоган и Марта Кос влегоа во возот, а турскиот претседател лично го управуваше за време на првото пробно возење на делницата меѓу Бабаески и Лулебургаз.

За време на возењето, Кос го праша дали знае да управува и со хеликоптер. Ердоган одговори потврдно, на англиски јазик, со зборот „Yes“ („Да“), предизвикувајќи смеа кај присутните.

 

Поврзани содржини