ЌЕ СЕ РАСПИШЕ ТЕНДЕР ЗА САНАЦИЈА НА ТЕФЕРИЏ Николоски очекува за една година да биде решен инженерскиот проблем
Проблемот со свлечиштето е повеќе инженерски отколку финансиски, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски чие министерство ја презеде обврската да го реши проблемот. Тендерот за изведувач е во тек, а важна улога во санацијата ќе имаат теренот и зимските услови.
Министерството за транспорт ја презеде обврската да го реши проблемот со свлечиштето на патот за Тефериџ во Кисела Вода бидејќи проблемот е комплициран и бара поголема експертиза. Тендерот за изведувач сè уште трае, по изборот на изведувач ќе започнеме да работиме и очекувам за една година да го санираме лизгањето на земјиштето, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски во гостувањето на ТВ Телма.
– Таму има едно движење на земјиштето кое што е доста комплицирано, многу слично на она со коешто се соочивме на автопатот Кичево и имајќи предвид дека се работи за проблематика којашто е доста сложена, за проблематика каде што е потребна голема стручност, сметавме дека е добро тоа да го преземе Министерството за транспорт, со експертите кои што ги имаме и на тој начин да се санира проблемот. Иако, ако гледате буџетски, тоа не е некој голем проект, повеќе е инжинерски и технички и затоа решивме да го преземеме, затоа што секако експерти коишто се занимаваат со оваа работа има и во Министерството, ги има во Јавното претпријатие за државни патишта и ги консултираме за оваа работа. Во моментов има тендер за избор на изведувач. Ако не се лажам, тоа е 20. август. После тоа ние заедно со изведувачот ќе работиме и сум убеден дека проблемот ќе се реши. Многу е важно теренот да е сув, оставаме година дена, но треба да видиме и зимата каква ќе биде, но се претпоставува дека за година дена треба да се заврши како што треба – истакна Николоски.