ДЕСЕТИЦИ ПОЖАРИ БЕСНЕАТ ВО СРБИЈА Едно лице загина, ветерот повторно ги разгорува жариштата

Десетици пожари со денови горат на повеќе локации во Србија, а пожарникарите се соочуваат со силен ветер и високи температури. На дел од територијата на Кладово е прогласена вонредна состојба.

18

Пожарникарите во Србија со денови се борат со десетици пожари, во кои едно лице загина, а повеќе лица се повредени. Ситуацијата дополнително може да се влоши бидејќи од денеска во земјата пристигнува нов топлотен бран, проследен со јужен и југозападен ветер.

Ветерот значително им ја отежнува работата на пожарникарите и локалните служби на најкритичните точки, меѓу кои е и специјалниот природен резерват Делиблатско Песочиште. Во текот на ноќта повторно се разгорел и пожарот на планината Столови кај Краљево, каде што има повеќе активни жаришта.






Дополнителен проблем претставува ситуацијата во околината на Кладово. На дел од територијата на општината е прогласена вонредна состојба, откако пожарите почнаа да загрозуваат неколку села. Зафатена е површина од речиси 13 квадратни километри.

Од Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија (РХМЗ) предупредија дека временските услови за гаснење на пожарите значително ќе се влошат поради новиот топлотен бран и засилениот јужен и југозападен ветер.

Според метеоролозите, следува период со изразен недостиг од врнежи, што дополнително ќе придонесе за сушење на вегетацијата. Со тоа се зголемува и опасноста пожарите на отворен простор брзо да се шират и да зафатат нови површини.

Службите остануваат на терен и продолжуваат со гаснење и локализирање на пожарите, додека временската прогноза укажува дека условите во наредниот период нема да им бидат сојузник.

Поврзани содржини