ДЕЛОВИ ОД МОТОР ГО СКРШИЛЕ ПРОЗОРЕЦОТ НА АВИОНОТ НА „РАЈАНЕР“ Птици го предизвикале инцидентот во кој патник делумно излета од леталото
Во моторот биле пронајдени остатоци од птици, што укажува дека авионот можеби удрил во птици при полетувањето, при што дошло до оштетување на турбината.
Делови од авионски мотор што најверојатно се одвоиле по удар во птици, го скршиле прозорецот на авионот на „Рајанер“ во инцидентот што се случи минатиот месец, при што беше повреден патник од Србија, соопштија американски експерти кои заедно со грчките власти го истражуваат случајот.
Лопатка од турбината на моторот се распаднала, го скршила прозорецот и го оштетила трупот на авионот на неколку места, се наведува во извештајот на Националниот одбор на САД за безбедност во сообраќајот (NTSB). Во моторот биле пронајдени остатоци од птици, што укажува дека авионот можеби удрил во птици при полетувањето, при што дошло до оштетување на турбината.
Шеесет и едногодишниот Љубиша Каровиќ од Врњачка Бања, кој при кршењето на прозорецот речиси до појас бил исфрлен од авионот, се здобил со повреди на вратот и на рамото, како и со повреди од сигурносниот појас што спречил патникот целосно да испадне од авионот.
Неговата сопруга, Светлана Грковиќ Максимовиќ, со која патувал од Солун за Германија на семејна прослава, го држела за нозете, по што екипажот и другите патници успеале да го вратат во авионот.
Стјуардесите им кажале на истражителите дека во кабината имало силни вибрации и чад пред автоматски да се активираат маските со кислород над седиштата.
Повредениот патник бил пренесен на безбедно место во авионот, каде што лекар му пружил прва помош. Стјуардесите им дале на патниците метална кутија со која го блокирале скршениот прозор сè додека авионот, околу половина час подоцна, не се вратил во Солун.
Каровиќ неодамна изјави дека планира да ги тужи трите големи компании поврзани со летот – „Рајанер“, со чиј авион патувал, „Боинг“, производителот на авионот, и „Џенерал Електрик“, производителот на моторите.
Инцидентот се случи на лет од Солун, Грција, до Меминген, Германија.
Во прелиминарниот извештај за инцидентот од 10 јули, NTSB соопшти дека екипажот на летот пријавил четири сомнителни удари од птици во моторот број два во 12-те месеци пред несреќата.
„Отпадоци од птици се наводно пронајдени во два случаи, иако не е пронајдена никаква штета за
време на последователното одржување“, се вели во извештајот.
NTSB соопшти дека моторот CFM, произведен од францускиот Сафран и американскиот „Џенерал Електрик“ бил проверен во мај, без пронајдени абнормалности.
„Боинг“ и „Рајанер“ одбија да коментираат вестите.
Агенцијата соопшти дека сè уште разгледува дали овој инцидент е сличен на други случаи, како што е откажувањето на моторот на летот на „Ју-Ес Саутвест ерлајнс“ во април 2018 година, кога патник кој делумно бил вовлечен низ прозорец починал.
„Истражувачкиот тим е свесен за претходни настани со слични модели на мотори кои резултирале со оштетување на вшмукувачките отвори на моторот или облогите и структурите на трупот. Секоја релевантна сличност помеѓу оваа несреќа и претходните настани сè уште се истражува“, се вели во извештајот.