Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека од Софија доаѓаат потези кои се аматерски, нејасни и неразуми и не одат во насока на подобрување на односите меѓу двете земји.

10

 

Премиерот Христијан Мицкоски не очекува позитивен развој на односите со Бугарија, туку смета дека состојбата се радикализира, а показател на тоа е објавувањето во јавноста на дипломатска нота за неколкудневен престој на неговата сопруга и помалиот син во Пампорово, Бугарија.






– Сигналите коишто доаѓаат оттаму не ме прават оптимист, напротив, состојбата се радикализира. Еве вчера видовме еден преседан во дипломатијата, кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши паријатели во Пампорово, нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква. Замислете сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти коишто ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи коишто можеби, исто така, би биле интересни за јавноста. Така што вчера видов еден преседан – рече денеска Мицкоски во одговор на новинарско прашање за односите меѓу Македонија и Бугарија.

Премиерот рече дека за случајот веќе ги информирал партнерите на Македонија во НАТО, бидејќи со објавувањето на дипломатската нота се загрозува безбедноста на неговото семејство.

Мицкоски оцени дека од Софија доаѓаат потези кои се аматерски и, според него, нејасни, неразуми и не одат во насока на подобрување на односите меѓу двете земји.

– Сепак ние сме земја членка на НАТО. Јас ја користам оваа прилика и на мојата сопруга и на мојот помал син Антонио да им се извинам што мора сето ова да го трпат. Но, сите овие индикатори коишто ги гледаме не велат дека одиме кон подобрување, туку напротив, имаат некои аматерски потези коишто за мене се тотално неразумни и нејасни, но, како и да е, ние да си останеме фокусирани на тоа што е наша задача, а тоа е да испорачуваме за Реформската агенда, да ги правиме реформите дома, да ја градиме економијата, да раснеме итн. Тоа е она што претставува наша задача како влада. Тие нека си ја тераат својата работа, ние работата за којашто сме бирани од граѓаните, а тоа е да испорачуваме проекти и да решаваме проблеми – рече премиерот Мицкоски.

Ддипломатската нота за која предупреди премиерт е допис со кој македонската амбасада во Софија го информира Министерството за надворешни работи на Бугарија дека сопругата и еден од синовите на премиерот ќе патуваат во Пампорово, Бугарија. Известувањето е од 6 јануари годинава, а се однесува на патување два дена подоцна, односно на 8 јануари.

Дипломатскиот документ минатата недела беше објавен од група на социјалните мрежи.

Како што може да се види во дипломатскиот документ, објавен од групата „Грубовци, Ениџе Вардар – родна Македонија“, во него покрај датумот на патувањето, наведено е приближното време кога сопругата и помалиот син на Мицкоски ќе ја преминат границата меѓу Македонија и Бугарија, како и детали за нивното обезбедување – имињата на неговите членови, возилата со кои патуваат, комуникациските уреди и вооружувањето што го носат со себе.

Поврзани содржини