„БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ЌЕ ПРАЌА КАЗНИ И ЗА СТРАНСКИ ТАБЛИЧКИ Тошковски најави нов чекор во системот

Системот „Безбеден град“ наскоро ќе почне да ги евидентира и да ги доставува казните и до странските државјани кои прават сообраќајни прекршоци на македонските патишта.

54

Најавата ја соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за време на промоцијата на кампањата „Вози одморен“ на граничниот премин Табановце, заедно со колегата министер од Србија Ивица Дачиќ.

Тошковски упати апел до странските возачи и до иселениците кои транзитираат низ државата, особено по Коридорите 8 и 10, доследно да ги почитуваат сообраќајните правила.






– Системот „Безбеден град“ функционира и ќе се однесува на сите, без разлика дали возилото е со македонски или со странски регистарски таблички. Наскоро ќе бидете сведоци на целосна имплементација на вториот чекор, кој се однесува на достава на казните за оние кои управуваат странски возила. Ако во 21 век не најдеме начин за достава на овие казни, тогаш имаме проблем самите со себе – рече министерот.

Првиот човек на МВР објасни дека прекуграничната достава на казни е сложен процес, но нагласи дека институцијата веќе има подготвено решение кое наскоро треба да профункционира во пракса.

120.000 прекршоци за 5 месеци

„Безбеден град“ официјално почна да функционира на 1 февруари годинава. Системот преку мрежа од камери автоматски ги регистрира сообраќајните прекршоци на патиштата низ државата.

Според податоците што ги презентираше министерот, до 22 јуни биле евидентирани повеќе од 120.000 прекршоци. Бројката ја покажува размерот на проблемот, но и потенцијалот на системот за подобра контрола на сообраќајот.

Од МВР очекуваат новото решение да ја зголеми одговорноста кај сите учесници во сообраќајот и да придонесе за намалување на бројот на прекршоци, без разлика дали зад воланот се домашни или странски возачи.

Поврзани содржини