БАЛСКА САЛА ИЛИ „ВОЕН ЦЕНТАР“ ОД 400 МИЛИОНИ ДОЛАРИ? Трамп побара од судот да продолжи изградбата во Белата куќа

Администрацијата на Трамп побара од Врховниот суд да дозволи да продолжи изградбата на огромниот комплекс во Белата куќа. Пониските судови ја запреа градбата бидејќи проектот нема одобрение од Конгресот.

1

Балска сала од 400 милиони долари или безбедносен комплекс со засолништа од бомби и заштита од ракети? Проектот на Доналд Трамп во Белата куќа добива необична димензија откако претседателот го нарече и „воен центар“.

Администрацијата на Трамп во петокот, 14 август, побара од Врховниот суд на САД да дозволи изградбата да продолжи. Таа бара да се одложи спроведувањето на одлуката на Апелацискиот суд, кој ги запре градежните работи над нивото на земјата.






„Многу сложената и скапа структура се гради за американската војска кај Источното крило на Белата куќа. На оваа фотографија сè уште го нема ‘Дронпорт'(слетувалиште за дронови на покривот), за кој челичната конструкција е веќе изработена и подготвена и наскоро ќе биде испорачана. Проектот се реализира во рамките на предвидените трошоци и значително пред предвидениот рок. Тесно соработуваме со Тајната служба и со американската војска, а овој воен комплекс е најдоброто од најдоброто!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“.

Според Трамп објектот ќе обезбеди највисоко ниво на одбрана, офанзивни способности и безбедност за жителите на Вашингтон и, како што вели, што е особено важно, за идните претседатели.

„Се гради и толку потребната балска сала, нешто што поранешните претседатели го посакувале 150 години. Таа се наоѓа директно под издигнатиот ‘Дронпорт’ и ја плаќаат големи американски патриоти, без пари од даночните обврзници!“, завршува написот.

На социјалните мрежи нашироко се дискутира за тоа дали навистина проектот предвидува слетувалиште за дронови на својот покрив, таканаречниот Дронпорт. Неодамна Трамп објави видеомонтажа од тоа како би изгледало слетувалиштето.

Министерството за правда на САД го поддржа ставот на Трамп дека проектот е „од витално значење за националната безбедност“, повикувајќи се и на обидите за атентат врз американскиот претседател.

Трамп тврди дека комплексот нема да биде само огромна сала за свечености. Според него, проектот вклучува засолништа од бомби, медицински капацитети и заштита од беспилотни летала и од ракети.

 

Поврзани содржини