„БАКТЕРИЈА ШТО ЈАДЕ МЕСО“ ОТКРИЕНА КРАЈ ШПАНСКИТЕ ПЛАЖИ Властите воведоа ограничувања за капење
Властите во Шпанија воведоа ограничувања на дел од плажите откако во морската вода беше откриено присуство на бактерии од родот вибрион. Експертите предупредуваат дека ризикот за повеќето луѓе е мал, но високите температури на морето создаваат сè поповолни услови за нивно ширење.
Неколку плажи во Шпанија привремено беа затворени или ставени под посебен надзор откако во морската вода беше регистрирано присуство на бактерии од родот вибрион (Vibrio).
Веста брзо предизвика загриженост кај туристите бидејќи одредени видови од ова семејство во јавноста се познати како „бактерии што јадат месо“. Причината е тоа што во исклучително ретки случаи можат да предизвикаат тешки инфекции кои доведуваат до оштетување на меките ткива.
Што е всушност откриено во водата?
Според научниците, не станува збор за бактеријата што предизвикува колера, иако таа исто така припаѓа на семејството вибрион.
Во европските води најчесто се регистрираат видовите Vibrio vulnificus и Vibrio parahaemolyticus. Токму првиот вид е познат по тоа што во многу ретки ситуации може да предизвика сериозни инфекции ако бактеријата навлезе преку отворена рана или преку консумирање заразена морска храна.
Стручњаците нагласуваат дека огромното мнозинство луѓе никогаш нема да се соочат со вакви компликации.
Зошто експерите зборуваат за бактерија „што јаде месо“?
Во потешки случаи инфекцијата може да прерасне во некротизирачки фасцитис, опасна состојба при која доаѓа до брзо уништување на ткивото околу зафатеното место.
Доколку бактеријата навлезе во крвотокот, може да предизвика сепса, која претставува сериозна закана за животот. Во најекстремните случаи лекарите понекогаш се принудени да извршат ампутација за да го спасат пациентот.
Сепак, медицинските експерти повторуваат дека ваквите сценарија се многу ретки и не треба да се создава непотребна паника.
Медитерано станува погоден за вибрион
Научниците предупредуваат дека климатските промени постепено го менуваат морскиот екосистем.
Повисоките температури на морската вода, загадувањето и промените во соленоста создаваат услови во кои бактериите од родот вибрион полесно се размножуваат.
Европскиот центар за контрола и превенција на болести веќе предупреди дека ризикот се зголемува за време на топлотни бранови, кога температурата на морето достигнува невообичаено високи вредности.
Властите уверуваат, нема место за паника
И покрај загрижувачките наслови, здравствените служби во Шпанија и експертите апелираат на смиреност.
Најважно е туристите да ги следат препораките на локалните власти и да избегнуваат капење на плажи каде што привремено е ограничен пристапот до водата.
За повеќето посетители ризикот останува многу мал, особено ако немаат отворени рани и ги почитуваат основните здравствени препораки.