АРКТИЧКИОТ ШТИТ НА ТРАМП Безбедносниот пакт на САД, Данска и Гренланд е скроен да го заштити американскиот капитал во два огромни рударски проекта

Дека безбедносниот пакт е скроен за да го заштити американскиот капитал, докажуваат два колосални проекта кои се под контрола на американската компанија Greenland Mines. Станува збор за проектите Sarfartoq и Skaergaard. Sarfartoq е исклучително богат со неодиум и празеодиум, а Skaergaard крие суровини со проценета бруто-вредност од 68 милијарди долари и се смета за едно од најголемите неразвиени наоѓалишта на паладиум, злато и платина во светот.

1

На маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, деновиве се очекува официјално да биде потпишан историскиот трилатерален договор меѓу САД, Данска и Гренланд. Иако формалниот документ сè уште се чува зад затворени врати, протечените детали од високи дипломатски извори откриваат дека светот е сведок на нова геополитичка архитектура на Арктикот. Во центарот на овој пакт не се само воените трупи, туку долгорочната контрола врз некои од најголемите светски резерви на критични и ретки минерали.

„Бесконечен пакт“ или зачуван суверенитет?






Околу договорот веќе се појавија дипломатски искри поради различните реторички толкувања меѓу потписниците. Додека американскиот претседател Доналд Трамп гласно го најавува пактот како договор со „бесконечен рок“ (Infinite Life Agreement) кој на Вашингтон му обезбедува „трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на Гренланд“, властите во Копенхаген и во Нук будно реагираат. Данска и Гренланд потенцираат дека локалниот суверенитет, територијалниот интегритет и правото на самоопределување остануваат недопрени, а договорот е само засилена одбранбена рамка во рамките на НАТО.

Сепак, практичните клаузули покажуваат дека САД добиваат сериозна моќ на Арктикот:

Право на еднострана градба. САД ќе имаат моќ да подигнуваат воени структури и бази без посебно одобрение од Копенхаген.

Арктичко „вето“ за Исток. Строго се забранува воено присуство на земји надвор од НАТО.

Трајност. Договорот ќе остане во сила дури и доколку Гренланд во иднина прогласи целосна независност од Данска.

Наоѓалиштето Skaergaard, фото: Greenland Mines

Удар врз кинескиот монопол

Иако договорот не им доделува директни права за рударење на САД, тој содржи клучен механизам: строг скрининг за странски инвестиции. Ова им овозможува на САД да стават вето на какви било „чувствителни инвестиции“ од земји кои се сметаат за противници – пред сè Кина и Русија.

Со ова, Пекинг е практично елиминиран од трката за гренландското подземје, отворајќи им го патот на американските корпорации кои веќе почнаа со агресивна офанзива на теренот.

Офанзивата на „Greenland Mines“ и проектите Sarfartoq и Skaergaard

Дека безбедносниот пакт е скроен за да го заштити американскиот капитал, докажуваат два колосални проекта кои се под контрола на американската компанија Greenland Mines (Nasdaq: GRML).

На 1 септември оваа година, Greenland Mines ја затвори зделката вредна 35 милиони долари за купување на проектот Sarfartoq на југозападниот дел од островот од компанијата Neo Performance Materials. Независните проценки велат дека потенцијалната вредност на овој проект изнесува неверојатни 2,05 милијарди долари.

Sarfartoq е исклучително богат со неодиум (Nd) и празеодиум (Pr), елементи клучни за магнетите во електричните возила, ветротурбините и воената технологија. Само првата зона од овој рудник може да задоволи 34% од вкупната светска побарувачка за овие елементи надвор од Кина. Суровината ќе се преработува во фабрика во Естонија, со што се создава комплетно западен синџир на снабдување, заштитен од геополитички уцени. Се очекува комерцијалното производство да започне околу 2031 година.

Уште пофасцинантен е првичниот проект на компанијата, лоциран на источниот брег на Гренланд – Skaergaard. Ова наоѓалиште крие суровини со проценета бруто-вредност од 68 милијарди долари и се смета за едно од најголемите неразвиени наоѓалишта на паладиум, злато и платина во светот. Ова е критично бидејќи Русија во моментов контролира 40% од пазарот на паладиум.

Летово, компанијата ја заврши својата масовна теренска кампања, собирајќи 104,8 тони материјал со помош на хеликоптери за металуршки тестирања и започна дијамантско дупчење од 7.500 метри. Новите студии од оваа година покажуваат зголемување на концентрацијата на метали за 80% и отвораат можност за површински ископ (open-pit), што драстично ја подобрува профитабилноста.

За да ги заобиколат суровите арктички услови и недостатокот на инфраструктура на Гренланд, Американците развиваат паметен „Северноатлантски коридор“. Рудата од Skaergaard ќе се товари на бродови директно кај рудникот и ќе се транспортира 450 километри до индустрискиот комплекс Хелгувик во Исланд. Таму, користејќи ја евтината и 100% зелена геотермална енергија на Исланд, ќе се врши финалната преработка на металите, со што компанијата ќе заштеди над милијарда долари.

Се чини дека идејата на САД да го купат Гренланд се реализира преку софистицирани безбедносни пактови и милијардерски рударски аквизиции. Трилатералниот договор само ќе потврди дека Гренланд станува недостапна тврдина за Истокот и главен извор на суровини за западната воена и технолошка доминација во децениите што следат.

Поврзани содржини