ЈАПОНИЈА Е МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ ДОНАТОРИ НА МАКЕДОНИЈА Муцунски се заблагодари на јапонската влада за соработката и за помошта
Министерот Муцунски истакнал дека Јапонија е еден од најзначајните билатерални донатори на нашата држава, со вкупна помош која надминува 430 милиони евра.
Во рамки на работната посета на Јапонија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски се сретна средба со Шохеј Хара, заменик-претседател на Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЈИЦА), надлежен за соработка со Европа.
Како дел од владината делегација на средбата присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев.
Во фокусот на разговорите, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, биле важни и клучни прашања за понатамошната соработка, во делот на развојната и техничка помош која јапонската Влада во континуитет ја дава на Македонија преку финансирање на проекти и програми во разни области.
Министерот Муцунски истакнал дека Јапонија е еден од најзначајните билатерални донатори на нашата држава, со вкупна помош која надминува 430 милиони евра.
Тој изразил искрена благодарност за долгогодишната поддршка и партнерство, нагласувајќи дека Јапонија оставила траен позитивен белег во институционалниот, економскиот и општествениот развој на државата.