АКО СЕ БОЦКАТЕ ПРОТИВ ГРИП, МОЖЕ ДА ИМАТЕ УШТЕ ЕДНА КОРИСТ Научниците открија поврзаност меѓу сезонската вакцина и помалиот ризик од Алцхајмерова болест

Ново американско истражување покажало дека повозрасните лица кои примиле вакцина против грип со повисока доза на антигени имале до 22 отсто помал ризик од дијагностицирање на Алцхајмерова болест. Научниците, сепак, предупредуваат дека станува збор за поврзаност, а не за докажан заштитен ефект.

0

Вакцината што со години се користи за заштита од сезонски грип би можела да има и една неочекувана дополнителна корист. Ново истражување на научници од универзитетот Texas Health Science Center во Хјустон, открило поврзаност меѓу вакцинацијата против грип, особено со вакцината со повисока доза, и помалиот ризик од Алцхајмерова болест.

Во истражувањето биле анализирани здравствените податоци на речиси 165.000 лица постари од 65 години. Научниците ги споредувале оние што примиле стандардна вакцина против грип со оние што примиле вакцина со повисока доза на антигени.






Резултатите покажале дека кај втората група ризикот од дијагностицирање на Алцхајмерова болест во текот на следните две години бил до 22 отсто помал. Поврзаноста била поизразена кај жените отколку кај мажите, а кај лицата кои повеќепати примиле вакцина со повисока доза се забележувала нешто подолго.

Четирипати повеќе антигени

Вакцината против грип со висока доза содржи четирипати повеќе антигени од вирусот на грип во споредба со стандардната вакцина. Целта е да се поттикне посилен имунолошки одговор, особено кај повозрасните лица, чиј имунолошки систем со текот на годините може да реагира послабо.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) од 2022 година препорачува лицата постари од 65 години да им дадат предност на одредени вакцини против грип, меѓу кои и оние со повисока доза.

Неврологот Пол Шулц, еден од авторите на истражувањето, признал дека и самиот не бил запознаен со оваа можност.

– Бев запрепастен што како лекар не знаев дека се нуди повисока доза – изјавил Шулц, објаснувајќи дека разговорите со здравствените работници го поттикнале да го започне истражувањето.

Претходно истражување покажало слични резултати

Истражувачкиот тим уште во 2022 година анализирал податоци од речиси 1,9 милиони Американци постари од 65 години. Тогаш утврдиле дека примањето каква било вакцина против грип било поврзано со приближно 40 отсто помал ризик од Алцхајмерова болест во споредба со лицата кои не биле вакцинирани.

Новото истражување за првпат направило посебна споредба меѓу вакцината со стандардна и онаа со повисока доза. Кога резултатите од двете истражувања се разгледуваат заедно, се отвора можност вакцината со повисока доза да биде поврзана со речиси 55 отсто помал ризик во однос на невакцинирањето.

Сепак, оваа бројка не била директно измерена во новото истражување преку споредба на вакцинирани со висока доза и целосно невакцинирани лица, што е важно за правилно толкување на наодите.

Научниците веќе извесно време ја испитуваат можната поврзаност меѓу вакцинацијата и помалиот ризик од деменција. Покрај вакцината против грип, во одделни истражувања слична поврзаност е забележана и кај вакцините против херпес зостер, респираторниот синцицијален вирус (РСВ), пневмококните инфекции, тетанусот и дифтеријата.

Едно од можните објаснувања е дека заштитата од инфекции може да ги намали воспалителните процеси во организмот, кои би можеле да влијаат и врз здравјето на мозокот.

Научниците предупредуваат дека резултатите не се конечни

Постои и друго можно објаснување за добиените резултати. Алцхајмеровата болест се развива со години, па дури и со децении пред да се појават првите симптоми. Тоа значи дека дел од лицата кај кои болеста била дијагностицирана во текот на истражувањето можеби веќе имале промени во мозокот пред да се вакцинираат.

Доколку вакцината навистина има заштитно дејство, можно е таа да го одложува појавувањето на симптомите, наместо да го спречува самото настанување на болеста.

Епидемиологот Ерин Абнер, која не учествувала во истражувањето, предупредила дека лицата кои примаат вакцина со повисока доза можеби имаат и поинакви здравствени навики или воопшто се во подобра здравствена состојба од оние што примаат стандардна доза.

Таквите разлики би можеле делумно да ги објаснат резултатите. Дополнително, кога истражувачите од анализата ги исклучиле лицата кои биле вакцинирани против грип во претходните две години, поврзаноста меѓу вакцината со повисока доза и помалиот ризик од Алцхајмерова болест во голема мера исчезнала.

Забележано било и дека поврзаноста престанала да биде статистички значајна по приближно две години следење.

Затоа научниците нагласуваат дека засега нема доволно докази за вакцината против грип да се препорачува како средство за спречување на Алцхајмеровата болест. Нејзината докажана намена и понатаму е заштитата од грип и неговите компликации, особено кај повозрасните лица.

Истражувачите се надеваат дека идните студии ќе помогнат да се утврди дали навистина постои причинско-последична врска меѓу вакцинацијата и здравјето на мозокот.

Поврзани содржини