СКВЕРНАВЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ Е НЕДОЗВОЛИВО Остри реакции на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за инцидентот во Гостивар

Прославувањето на Денот на албанското знаме, без соодветно истакнување на македонското државно знаме, претставува непочитување на државниот поредок и постапување спротивно на законските одредби за употреба на знамињата, се додава во реакцијата на ЗНАМ.

0

ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ најстрого го осудија сквернавењето на македонското знаме во Гостивар и ги повикуваа надлежните институции да постапат.

„ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува симнувањето и сквернавењето на македонското знаме во Гостивар. Македонското знаме е државен симбол и секое негово непочитување треба да биде веднаш санкционирано. Ваквиот однос на поединци во општеството создава поделби, а не сплотување. Ги повикуваме надлежните институции веднаш да постапат и да ги идентификуваат сторителите“, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.






Македонското знаме е државен симбол на сите граѓани, неговото сквернавење е недозволиво, порача денеска ЗНАМ.

„Движењето ЗНАМ – За наша Македонија најостро го осудува чинот на симнување и сквернавење на македонското државно знаме на плоштадот во Гостивар, чин со кој се изразува непочитување кон државните симболи, институциите и државата Македонија. Македонското државно знаме не е симбол на една политичка партија или на една етничка заедница. Тоа е државен симбол на Република Македонија, знаме на македонскиот народ и на сите заедници што живеат во нашата држава. Неговото почитување е обврска на секој граѓанин, без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност“, се вели во реакцијата на ЗНАМ.

Почитувањето на правото на секоја заедница да ги негува сопствените традиции, култура и национални симболи не смее да биде изговор за непочитување на државните симболи, додава ЗНАМ.

„Прославувањето на Денот на албанското знаме, без соодветно истакнување на македонското државно знаме, претставува непочитување на државниот поредок и постапување спротивно на законските одредби за употреба на знамињата. Исто така, дивеењето по улиците, насилничкото однесување и нарушувањето на јавниот ред и мир во градовите најмалку прилегаат на достоинствено, свечено и цивилизирано одбележување на кој било празник. Празниците треба да бидат повод за славење, меѓусебно почитување и градење соживот, а не за провокации, инциденти и демонстрација на непочитување кон државата. Очекуваме надлежните институции без одлагање да ги расчистат настаните во Гостивар, да ги идентификуваат сторителите и да постапат согласно законите“, реагира ЗНАМ.

Законот мора да важи подеднакво за сите, без селективност и без политички калкулации, додава партијата.

„Движењето ЗНАМ порачува: Почитувањето на различностите е наша вредност, но почитувањето на државата, нејзините симболи и законите е обврска на сите! Македонија е заедничка држава на сите нејзини граѓани и нејзиното знаме мора да биде почитувано од сите“.

Непознати сторители завчера во Гостивар го симнаа од јарбол македонското знаме, го стуткаа и го фрлија на земја.

Полицијата соопшти дека го истражува слуучајот.

🎥 ПОЛИЦИЈАТА ИСТРАЖУВА КОЈ ГО ФРЛИ НА ЗЕМЈА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ ВО ГОСТИВАР Симболот е вратен на јарболот

Поврзани содржини